ВО КРУШОПЕК ЗАТВОРЕН БАР СО СТРИПТИЗЕТИ, ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ „ИНТЕРМЕЦО“ И “ТРИ КИЧЕН“
Во вчерашната акција на Пазарниот инпекторат затворени се пет објекти во Скопје – четири кафеани и една игротека. Меѓу затворените е и еден бар со стриптизети во скопското село Крушопек. Барот бил полн, воопшто не се почитувале протоколи и работно време, а згора на сè инспекторите начекале и неколку стриптизети кои ги забавувале гостите.
Угостителски објект е затворен и во ТЦ „Мавровка“, а исто така казнета е и игротека каде се славело роденден со повеќе славеници.
Гостите кои биле начекани во кафулињата не се казнети бидејќи инспекторите за да можат навреме да делуваат, не ја чекале полицијата, туку влегле сами, без асистенција. Пазарниот инспекторат не може да изрекува казни на физички лица, туку само на правното лице и да го затвори објектот. Гостите може да ги казни само полицијата по основ непочитување на ковид протоколи, но во вчерашната акција полиција немало.
Според ковид протоколите за работа на угостителските објекти, забрането е да се прават забави, да има жива музика и да се пушта гласна музика. Забрането е стоење на шанк и на високи маси (коњопои), на маса може да седат само по 4 лица и треба да се одалечени на 1,5 метар. Но, состојбата низ локалите изминатиот месец е сосема друга, никаде не се почитуваат протоколи и се прават забави.
Вчера во земјава беа регистрирани 1.031 случаи на ковид-19, а починаа 20 лица. Во моментов активни се 11.641 случаи.