|

Клековски апелира пациентите да поднесуваат жалби за можни неправилности

Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Северна Македонија (ФЗО), Сашо Клековски, упати апел до сите граѓани кои се чувствуваат оштетени во кардиохирургијата, но и во други области на здравството, да поднесат службени жалби. Тој порача дека без официјални претставки институциите нема да можат да постапуваат.

Изјавата на Клековски доаѓа по тврдењата на кардиохирургот Сашко Кедев дека во одредени приватни болници се вршат непотребни интервенции, вклучувајќи стентирања, заради профит. Министерството за здравство најави формирање меѓународна експертска комисија за контрола на приватните клиники.

Клековски нагласи дека ФЗО нема договори за стентирање со приватните болници „Жан Митрев“ и „Систина“, бидејќи потребите се покриваат од јавните капацитети во Скопје, Тетово, Битола, Штип и Охрид. Договори со приватните установи се склучуваат само кога јавниот сектор нема доволни капацитети.

Тој појасни дека ФЗО врши редовни и вонредни контроли, но само за услугите за кои има склучено договори. Во „Жан Митрев“ и „Систина“ досега се направени девет вонредни контроли, поврзани исклучиво со плаќање на услуги од страна на пациенти кои не сакале да чекаат на листа. Ниту една поплака не се однесувала на стручниот дел од интервенциите.

Клековски додаде дека стручна проценка за оправданоста на одреден зафат може да даде само комисија составена од експерти. Тој исто така информираше дека најмногу тужби против Фондот доаѓаат од странски болници, особено од Германија, а не од домашните здравствени установи.

Слични Објави