Почна јавниот увид во Избирачкиот список
Од денеска до 11 септември на полноќ граѓаните ќе можат да извршат јавен увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија на ДИК, кои ќе работат секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден до полноќ.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, ги повика граѓаните да ги проверат своите податоци и навреме да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење. Барањата се поднесуваат писмено или електронски најдоцна до 11 септември, а Комисијата е должна да одлучи во рок од 24 часа. Жалбите се поднесуваат до Управниот суд, кој решава во истиот рок.
Политичките партии можат да побараат копија од списокот до 11 септември, а ДИК е должна да им го достави до 14 септември. Партиите потоа имаат рок до 19 септември да достават свои барања за промени.
По завршувањето на увидот, податоци до ДИК ќе достават и надлежните институции – МВР, Управата за санкции, Министерството за социјална политика и судовите.
Заклучениот Избирачки список ќе биде готов најдоцна до 26 септември, а потпишан од ДИК до 3 октомври, две недели пред одржувањето на локалните избори закажани за 19 октомври.
