13-годишниот Кристијан Илков од Бугарија ја освои големата награда на „Златниот микрофон“ во Италија
Тринаесетгодишниот Кристијан Илков од Русе ja освои големата награда на музичкиот натпревар „Златниот микрофон“ во Италија, во конкуренција на изведувачи од 30 држави. По настапот добил и покана за учество во „Гласот на Италија“, но ја одбил поради подготовките за завршните испити во седмо одделение, јавува БНТ.
Илков ја освои италијанската публика со изведба на песната „The Show Must Go On“ од „Квин“. Иако пред публика настапува само четири години, во својата колекција веќе има околу 80 награди од музички натпревари.
Неговиот музички вкус е насочен кон рок и хард рок музиката, а меѓу најголемите свои идоли ги вбројува Фреди Меркјури, Рони Џејмс Дио и Мајкл Џексон.
„Уште од многу мал татко ми пушта таква музика и со текот на времето таа многу влијаеше врз мојот вкус. Моите најголеми идоли се Фреди Меркјури, Рони Џејмс Дио и Мајкл Џексон“, вели Кристијан.
Неговата музичка менторка Викторија Виналиева оценува дека резултатите се логична последица на неговиот талент, енергија и работа.
„Има прилично полн глас за дете, многу е енергичен и многу брзо сфаќа. И на пробите се однесува како на сцена – скока, се качува на столови додека пее, така што сметам дека резултатите се апсолутно логични“, вели Виналиева.
Меѓу бројните признанија, Кристијан посебно ја издвојува статуетката од натпреварот „Ѕвездички за Лора“.
„Најважна ми е статуетката од „Ѕвездички за Лора“ поради каузата“, вели тој.
Во неговиот музички развој постојано го поддржуваат родителите, кои биле меѓу првите што го забележале неговиот талент и редовно патуваат со него за настапите и натпреварите.
„Пред да излезе на сцена секогаш има едно забрзано чукање на срцето. Не затоа што мислиме дека нема да се снајде, туку затоа што се приближува моментот на неговиот настап. Потоа сме многу горди, ќе пуштиме и по некоја солза – и мажите плачат“, вели неговиот татко Евгени Енчев.
Кристијан веќе имал можност да настапи и со познати музичари.
„Никогаш не сум верувал дека ќе го видам Џо Лин Тарнер во живо, а камоли дека ќе излезам со него на сцена“, вели Илков.
Неговата мајка Елица Ангелова му посакува во иднина да пронајде музичари со кои ќе формира сопствен бенд и заедно ќе настапуваат.
Иако ја одбил поканата за „Гласот на Италија“ за да се посвети на училишните обврски, Кристијан има друга голема цел – настап на „Евровизија“.
„Ја следев „Евровизија“ не само затоа што Дара победи. Метал-песната од Романија беше многу добра. Самата продукција е прекрасна, а видеата и визуелните ефекти што ги прават на сцената во живо се исклучително добро изработени“, вели тој.
Виналиева смета дека Кристијан има потенцијал и за таков натпревар.
„Ако Крис учествува, без разлика дали на детската или на големата „Евровизија“, сигурна сум дека Бугарија уште еднаш ќе биде домаќин на „Евровизија“, вели неговата музичка менторка.
