| |

9 септември: Големата национална катастрофа на Бугарија во XX век

За многумина, датумот 9 септември е поврзан со суштинска промена – укинување на капиталистичкиот систем и изградба на поправедно општествено општество – комунистичко. За други, 9 септември е црн датум, крвав пуч што донел со себе ликвидација на демократијата и приватната сопственост и ги зацрнил животите на стотици илјади Бугари, пишува БГНЕС.

Истакнатиот бугарски историчар проф. Пламен Павлов во едно од неговите интервјуа за БГНЕС вели дека 9 септември е големата национална катастрофа на 20 век.

БГНЕС потсетува на зборовите на проф. Павлов, кажани пред агенцијата една година претходно:

Датумот 9 септември 1944 година не треба да се игнорира, како што беше тренд во последните години. Ниту, пак, да се дефинира како црн или позитивен, бидејќи несреќните последици од феноменот 9 септември се факт. Историчарите ги покажаа страшните последици од овој настан, кои не стивнуваат до денешен ден. Политичките психолози треба да обрнат внимание на феноменот на 9 септември, бидејќи се работи за многу длабоки психолошки промени кои бугарското општество со голема тешкотија ги надминува.

Лекувањето на траумата од 9 септември е работа на психолозите, а не на историчарите. Бугарската нација е сериозно погодена од наследството на овој датум, иако ова наследство донекаде е надминато во однос на информирањето и образованието. Денеска никој нема да почне да труби колку е голем Георги Димитров или В’лко Червенков.

По 9-ти септември Бугарија го губи својот суверенитет и денес, кога некои гласно зборуваат за тоа како сме зависни од Брисел или Вашингтон, забораваат дека до 1989 година бевме подредени на СССР во секоја област – од армијата до економијата. До денес сме жртви на влијанието на Путиновата Русија. Енергетските проекти на т.н „Голем шлем“ се во услуга на Москва. Мора да прекинеме со оваа политика и зависности…

Една од најштетните последици на 9 септември за нашата национална самосвест е напуштањето на нашите национални идеали.

Ноќта меѓу 8 и 9 септември 1944 година, владата на Константин Муравиев била соборена и на власт доаѓа владата на Отечествениот фронт на чело со Кимон Георгиев. Отечествениот фронт ја презема власта во Бугарија со помош на силите на Третиот украински фронт на Црвената армија. По тој датум, во бугарското општество се случиле големи политички, економски и социјални промени. Бугарија ги раскинува врските со Германија на Хитлер и паѓа во советската сфера на влијание.

Настаните од 9 септември биле проследени со голем бран насилство. Овие масовни беззаконија продолжиле неколку месеци и постепено биле ставени под контрола од страна на властите со создавањето на т.н „Народен суд“ на крајот на 1944 година. Според различни проценки, бројот на убиените во овој период бил меѓу 20.000 и 40.000 луѓе. Оние кои се осудени на смрт од таканаречениот „Народен суд“ се 2.730 лица – министри, пратеници, новинари, банкари, градоначалници, свештеници, земјопоседници, учители.

Настаните од 9 септември 1944 година сè уште немаат добиено едногласна оценка. Во историографијата пред 1971 година, од пропагандни причини се тврдело дека се работи за „народно востание“. Оттогаш до 10 ноември 1989 година, настаните од тој датум се дефинираат како „социјалистичка револуција“. По политичката промена во 1989 година, настанот се смета за „воен удар“.



Слични Објави