Европратеникот и известувач за РС Македонија на ЕП Илхан Ќучук стана „Доктор Хонорис кауза“ на Американскиот универзитет во Европа-ФОН
„Ова е големо признание не само за мене како политичар и граѓанин, туку и за партиите од либералното семејство што го застапувам и за кои образованието е највисока вредност во современиот свет. Нам Европејците ни треба Северна Македонија во ЕУ. Заинтересирани се и сите соседи на Северна Македонија, вклучително и Бугарија како нејзин сосед“. Ова го изјави европратеникот Илхан Ќучук во својот говор по доделувањето на почесната титула „Доктор хонорис кауза“ на Американскиот универзитет во Европа – ФОН.
Тој истакна дека Северна Македонија го избра патот на градење мултиетничко општество и сите меѓународни партнери го ценат тоа.
Говорејќи за Европската унија, тој посочи дека секоја земја влегува во неа со своја историја и идентитет. Така ќе биде и со Северна Македонија.
„ЕУ не ги елиминира разликите, напротив – им дава можност да се развиваат. И ова е најголемата предност на Унијата – нејзината различност. Се покажа дека Бугарија и Северна Македонија се далеку и блиску. Можеби ова е судбината и на најблиските, понекогаш тие се далечни. Најчесто објаснување за ова е изгубената доверба и непознавањето еден меѓу друг“, продолжи Ќучук.
Во своето обраќање тој истакна дека Европа е континент на можности и младите во Северна Македонија мора да имаат пристап до сите развојни програми.
На свеченоста во АУЕ-ФОН присуствуваа премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието на РС Македонија Талат Џафери, министри и амбасадори.

