| |

Името како проклетство (2)

Пишува: Владимир Перев

Нашите“ имиња и прифатливоста

Тешко и компликувано е да се суди за историски имиња кои учествувале во големите светски собитија и за нив да се даде некаква, дури и приближно, објективна оценка. Натоварени се со страстите и амбициите на оние кои идат после нив и ги заземаат нивните места. Не е работата само во местото или привилегиите. “Наследниците на тронот“ сакаат и да си ги присвојат заслугите на претходниците, а нив да ги омаловажат заради нивните пропусти. Тука се и историчарите и публицистите, вечните толкувачи на правдата и силата, гледано низ визурата на платежниот момент на толкувањето и проодноста на пазарот на културата, политиката и бизнисот. Затоа чувме и видовме толку злоба, омраза и нетрпеливост по основањето на клубовите во Битола и Охрид, како и оној во најава, во Богданци. Сите добро знаат кои биле царевите Борис и Фердинанд, кој бил Ванчо Михајлов и нивните заслуги за македоно-бугарската кауза. Тие тројца, заедно со Тодор Александров, но и цела плејада знајни и незнајни јунаци и жртви на ВМРО се заслужни дека Македонија остана воинствена и свесна за себе си, па макар и македонска, дека тие не дадоа до крај да се србизира или југословенизира. Многумина овде го влечеа “кучето за опашката“ и пострадаа, но тоа куче беше она српското/југословенското и антибугарското. Влечењето за опашка беше пројава на една поинаква самосвест на овие територии. Тие луѓе не треба да останат заборавени. Новите бугарски здруженија кои ќе никнат на територијата на Македонија, би требало да ги носат нивните имиња, оттргнати од заборавот. Во просториите на тие клубови треба да има фотографии не само на револуционерите од ВМРО, туку и на оние кои до скоро беа меѓу нас, на кои се сеќаваме и кои, со своето присуство, нѐ потсетуваа дека борбата не е завршена. Сведоците на отпорот! Демократијата треба да им се оддолжи.

Во Ресен треба да се оснива бугарски клуб со името на Панде Ефтимов, од село Претор. Новинар, публицист и долгогодишен затвореник во Идризово. Заслужен за откривањето на Плочата на Иван Владислав во Битола и нејзиното сочувување преку ангажманот на бугарската амбасада во Белград.

Во Битола да се основа клуб со името на Јордан Бадев, големиот бугарски литературен критичар, убиен од бугарските комунисти по 9-ти септември. Роден во Битола, бил професор по книжевност во Битолската класична бугарска гимназија. Неговиот брат Иван Бадев е првата жртва на Илинденското востание. Паднал како знаменосец на востаниците, во првата битка кај Смилево. Имал 16 години, бил ученик во гимназијата. Народот го опеал и во песна! Другиот негов брат, Кирил Бадев е убиен од српската кралска полиција. Нивните фотографии треба да бидат во клубот. Таму треба да се најдат и фотографиите на членовите на семејството Светиеви, Борис, Христо и трагично (само)убиениот во затвор Стефан Светиев. Не треба да се заборави ни Иванка Чаулева, сопругата на војводата Петар Чаулев, доблесната чуварка на верата и бугарската кауза во Битола. Треба да се спомене и Стефан Кузманов и групата од “Илинден 903“, творците на првиот меморандум против македонизмот.

Клубот во Скопје да го носи името на Мара Бунева. Таа е од Тетово, но нејзиниот подвиг во Скопје, на 13 јануари 1928 година, ги занеме српските окупаторски власти. Во клубот да има и фотографии од браќата Михо и Андреја Михајлови од Скопје, долгогодишни осуденици во Идризово.

Клубот во Охрид да се вика Крум Коцарев и во него да се фотографиите на целото семејство Коцареви, затоа што сите, во периодот од 1945 до некаде 1955 лежеле по затворите на титовата Југославија, најмногу во Идризово и концлагерот со принудна работа Добој, во БиХ. Да има и фотографии и документи од другите охридски војводи, офицери и преродбеници.

Во Дебар, клубот да го носи името на отец Тома Николов. Верувам дека тоа ќе биде прифатено и од албанците и македонците. Така, може да се случи клубот да биде осветен од владиката Партениј!?

Најлесно се решава проблемот со името на клубот во Прилеп. Може да го носи името на еден од градоначалниците на градот, Методија Ночев, Харалампи Перев, Милан Небреклиев или Борис Попев. Може да го носи и името на двајцата најголеми синови и херои на Прилеп, браќата Димитар и Јордан Чкатрови. Сигурно ќе има отпори, па заради тоа најдобро е да се вика Темелко Нешков, од селото Бело Поле. За него никој нема да има против. Како младо момче бил партизан, има фамилија и во Прилеп, а суден и гонет е заради тоа што се чувствувал како македонски бугарин. Има долг стаж низ титовите казамати, има дебело досие, а има и книга за него. Во просториите на клубот треба да се и фотографиите на војводата Милан Ѓурлуков, стрелан од партизаните и на војводата Крсто Гермов-Шаќир, без разлика што тој се присоединил кон новата партизанска власт.

За Радовиш се знае, тоа треба да биде клуб кој ќе го носи името на Коце Ципушев. Покрај фотографиите на другите дејци од Радовиш, таму да биде и неговата книга “19 години во српските затвори“ која ќе се дели бесплатно на посетителите, на македонски или бугарски јазик. Да нема забуна или “јазична бариера“. Од таа книга секој ќе научи повеќе за српското владеење со Македонија, отколку од сите наши пишувања.

Во Кавадарци има многу кандидати за името, исто како и во Штип, па останува тие да се договорат меѓу себе. Познати се по добрите договори во своја полза.

Во Неготино клубот би можел да го носи името на Ефка Мојсова, мајката на главорезот Лазар Мојсов. Таа била свесна жена, со силна бугарска национална самосвест и била нешто како шеф на логистиката на востаниците од познатото Тиквешко востание. Се борела бара-бар со војводите Мишо Шкартов, Петар Чаулев, Асијата и другите.

Сите знаеме дека Пиринскиот крај е револуционерен и македонски, но по заслуга на тодорживковистката власт во Бугарија, стана делимично и македонистички. Во Благоевград македонистичкиот клуб се вика “Никола Вапцаров“, по името на поетот, кој за македонизмот е заслужен само со својата подривна дејност, сопствената подвластеност под силната жена Бојка и со само една песна, “Мојата земја“, која стана некаква химна на македонистите. Затоа пак, македоно-бугарскиот клуб во Сандански да се вика Борис Бунев, братот на Мара Бунева, шефот на бугарската гранична полиција и силниот член на ВМРО. Во Петрич, клубот да се вика Георги В’ндев, заради неговите заслуги во спасувањето на градот во 1925 година.

Во Дупница, македоно-бугарскиот клуб да се вика Владимир Карамфилов, учител, офицер и револуционер, заслужен заедно со Тодор Александров, за набавката на динамитот за Солунските атентати.

Во Тетово бугарскиот клуб да се вика Васил(ије) Бунев(иќ), по името на вториот брат на Мара Бунева. Како млад војник, принудно преминал на српска страна, завршил кралска воена академија и бил командант на граничните војски на Недиќева Србија. Бил оженет со богата белграѓанка, чие семејство било блиско до династијата на Караѓеорѓевци. Ако Недиќ и династијата му го простиле “бугарскиот грев“, жена му не му простила. По војната го предала на органите на ОЗНА-а и бил стрелан без суд и пресуда. Неговите потомци до денешен ден живеат во Белград во луксузен стан на улица “Пролетерских бригата“ се гордеат со своето великосрпство и се заколнати антиамериканци.

Сите овие здруженија, треба да имаат свое Централно здружение кое ќе ја координира дејноста. Најдобро би било тоа да биде во Битола и да се вика д-р Асен Татарчев, по името на големиот македоно-бугарски патриот и братов син на Христо Татарчев. Бил лекар, завршил медицина во Женева и специјализација гинекологија во Женева и Софија. Учесник во Првата светска војна. Во 1928 година лежел во затвор во кралска Југославија, заради познатата Ресенска афера. Во затворот бил тормозен, му биле скршени три ребра и оглувен на едното уво. Познат франкофил и противник на влегувањето на Бугарија во Втората светска војна на страната на Германија. Во 1944 година е уапсен и осуден на смрт, па помилуван со казна затвор од дваесет години. Со заземање на француската и швајцарската амбасада во Белград, ослободен е од затвор во 1951 година. Пред судот бранител му бил познатиот македонски книжевен критичар и професор Димитар Митрев. Како лекар работи во Прилеп, Гостивар, Соко Бања и Куманово, каде и починува. Бил вечно прогонуван од властите.

За формирањето на ваквите клубови не се потребни големи средства. Треба само една просторија, малку минерална вода и љубезен водител. Ако и тоа не може, треба да има само едно пано, излог со имињата на оние на кои се сеќаваме. Истовремено, бугарската наука и архивистика, треба на македонскиот читател и гледач на телевизиите, преку Јутуб или на друг начин, да ги осветлат ликовите на еврејските првенци Рафаел Камхи, Самуел Ардити, израелскиот херој Сами Рафаел и ред други. Низ документите да се проговори за нивното еврејство и воедно, емоционална припадност кон бугарскиот народ и држава.

Не треба да се бара согласност на семејствата за употребата на имињата. Нека тужат, нека македонските судови ги затворат, па потоа нека се подготват за долги процеси во Стразбур. Таму ќе се види “кој каде припаѓа“, барем за тоа има доволно материјали. Бугарските државни архиви се претоварени од нивните лични самопризнанија, сметки за пари и изјави пред властите, во Бугарија но и пред меѓународните организации.

Затоа, наследниците на името на споменатите нека се грижат за себе си. Многумина од нив имаат и бугарско државјанство, издадено баш на основа на тоа име. Проклетството на нивните проскрибирани имиња, ние го примаме на наша совест. Доколку наследниците се срамат од нив, ние со нив и нивната дејност се гордееме!

Многу, многумина се оние кои со гордост го носеле бугарското име и се бореле за бугарската кауза во Македонија. Треба да ги споменеме со благодарност. Потоа нека академикот Иван Илчев кажува кој го “влече кучето за опашката“ и чие куче каса најсилно. Сѐ друго се празни приказни.

Ако не биде вака, тогаш ќе добиеме клуб со името на Каракачанов. Тоа ќе биде завршаната пресметка на македонско-бугарските национални, државни и државнички односи. Време е да одбереме…

Името како проклетство (1)



Слични Објави