| |

Името како проклетство (1)

Пишува: Владимир Перев

Името како негативна меморија

Може ли името или презимето да се носи со гордост, без оглед на асоцијациите кои ги предизвикува кај определена група граѓани, наши пријатели или соседи. Веројатно да!
Во западниот дел на Југославија, оној што беше заграбен од распаднатата Австро-Унгарска империја, многумина го носеа името Адолф, повеќето од нив родени во периодот од 1938 па се до 1944 година. Еден од нив е прочуениот пејач Дадо Топиќ, кој секогаш истакнува дека неговото крстено име е Адолф.

Во Македонија, меѓу многуте титовци, двајца се најпознати. Едниот е политичарот Тито, познат по гнасната и до сега нерасветлена афера наречена “бугарските летоци“. Вториот е келнерот во култната новинарска кафеана „Букет“, кој за разлика од политичарот, беше за сите нас омилениот Тито. Редовно се шегувавме заедно околу неговото име, а беше и чест гостин во тв емисиите околу 25 мај, неговиот и на диктаторот заедничкиот роденден. Познавав и некои Сталини, родени во периодот од 1944 до 1948 година, ама речи си сите си го променија името во некоја друга, поприфатлива варијанта.

Во Македонија има и еден Ленин. Не знам кога е роден, не го познавам, го гледам по телевизиите, каде гордо си го носи името. Член е на македонските “Ноќни волци“, a се говори и за неговото блиско пријателство со Путин, наследникот на тронот на оној Ленин-револуционерот и творецот на СССР, најмрачниот период во современта руска историја. Сите овие личности се прифатени од македонското демократско општество, заедно со асоцијациите, не секогаш и за сите пријатни, што ги носи нивното име. Кај нас, за овие имиња важи асоцијацијата nomen est omen, а предреченото секогаш е со пријатни сеќавања.

“Бугарските“ имиња во Македонија исчезнаа, по заслуга на српската окупаторска власт по 1913 година. Никој веќе не се вика Крум, Аспарух, или Фердинанд, во Источна Македонија нагалено викан Ферчо. Има по некој Борис, ама тој попрво ќе се себеидентифицира со српскиот политичар Борис Тадиќ, отколку со цар Борис. Малкумина знаат дека народниот херој Кузман Јосифовски-Питу, мајка му сакала до го крсти Борис, на името на бугарскиот престолонаследник, ама српскиот свештеник не позволил. Затоа бил крстен на името на дедо му Кузман. Сепак, барем тој, за мајка му и за сите негови другари-комунисти, отсекогаш си бил викан Борко, онака како што мајка му го нарекувала од дете. Патем, братот на Питу се викал Аспарух и е учесник во нападот на участокот на 11 октомври. Исто така, еден од творците на првиот македонски правопис се викал Крум (Тошев), внук на револуционерот Пере Тошев. Се загубија некаде низ просторот и времето и женските в’зрожденски имиња, Царевна и Воскресија, своевремено толку популарни во Охридско. Тие беа симболот на борбата против грцизмот, за денес да бидат наполно потиснати од нивните оригинерни верзии, Василка и Анастасија. Тоа би била судбината на имињата.

Иначе, глупавите бугарски имиња дадени по 9-ти септември, како Марклен/а, Маркилен/а, и слични, кај нас во Македонија никогаш и никој не го давал на неговото дете. Интересно, такви имиња има кај албанците во Македонија. Наш човек, попрво би го крстил детето Трактор, отколку на некое од тие имиња, кои за нас македонците. се една, непријатна абревиатура. Се’ уште постојат имиња како Симеон, ама сега транскрибирани како Симон. Се примаат како име на светец, а споменот на царот, што го носел тоа име, одамна е избледен. Па и самиот Цар, не се покажал во најдобра светлина, барем во однос на Македонија.

Го гледам професорот и академик Иван Илчев и неговата теорија за името и “опашката на кучето“. Тој доцна доаѓа во “македонските води“, во смисла на практично дејствување. Окупаторското, полициското куче во Македонија “каса“ и без да го повлечете за опашот. Тоа е така барем последниве стотина години. Тоа куче е дресирано да касне секого кој и ќе спомене барем едно од оние “проскрибирани“ имиња, па дури и во развеселена, алкохолизирана состојба, во песна, да речеме…тоа е нашето искуство.

Посебно интересирање предизвика предлогот на академик Илчев македонско-бугарските клубови да носат “неутрални“ имиња од типот на “мост“, “пријателство“ или слично. Имавме такви во времето на социјализмот, ама тие беа наменети на “братските“ народи од Монголија, Куба, Ангола, Конго и слични други држави, со кои ниту имавме некаков мост, ниту било каква конкретна пријателска дејност. Тоа се имиња кои во себе содржат безидејност, неинвентивност и во конечната своја пројава, безкарактерност. Општноста и прифатливоста на поимот не е и единство на поимите и поимањата.

Има име кое може да потсетува на окупација или ослободување. Но, во секој случај, тоа име не треба да предизвикува, ниту колективна одбојност, ниту пак адмирација. Името на маршал Петен е симболот на Вишиевската Франција, слугинката на Хитлер во Втората светска војна, но секогаш, секој историчар, новинар или публицист, кога се спомене неговото име, ја става додавката “херојот на Првата светска војна“. Барем така беше кај нас, во Југославија. Така оди таа работа, заслугите треба да бидат признаени, грешките посочени. Императив на демократското општество.

Името сепак е определба, а ние сме се определиле за бугарскиот идентитет и тука нема други толкувања, “кучето и опашката“ се минато, соцреалистичко време. Приодот треба да биде нов, демократски со силна идентификација за името и неговата намена.

Во второто продолжение: “Нашите“ имиња и прифатливоста.



Слични Објави