Почнува зимското сметање на времето
Од денеска почнува зимското сметање на времето, односно стрелките на часовникот во 3 часот по полноќ ќе се поместат еден час поназад.
Сепак, Владата одлучи да остане досегашниот систем на сметање на времето. Претходно, се правеа анализи дали да се продолжи со летно сметање на времето, во насока на заштеда на електрична и топлинска енергија.
–Од прикажаната пресметка за потребна топлина и анализата на промените на надворешните температури на часовно ниво, воочено е дека задржувањето на летното сметање на времето ќе предизвика зголемена потрошувачка на топлинска енергија од 1,5 до 3,5 проценти за грејната сезона. Согласно направената анализа на движењето на температурите во утринските часови и пресметките за потребна топлина за загревање, заклучено е дека со враќање во зимско сметање на времето ќе се заштеди на потрошувачка на електрична и топлинска енергија – информираа од Владата во однос на анализите.
Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно настапува летното сметање на времето.

