|

Во Бугарија најголеми просечни плати добиваат дипломираните на „Информатика и компјутерски науки“ на Софискиот универзитет

Има најмалку два позитивни тренда во високото образование за 2022 година – подобра реализација на дипломирани студенти и зголемен број научни публикации, вклучително и такви кои добиле меѓународно признание. Ова го истакна министерот за образование и наука на Бугарија проф. Сашо Пенов на презентацијата на новото издание на Рејтинг системот на универзитетите во Бугарија.

Според Пенов, без оглед на негативните економски ефекти поврзани со пандемијата КОВИД и војната во Украина, уделот на регистрираните невработени меѓу оние кои завршиле високо образование во последните 5 години паднал на рекордно ниско ниво од 2%, од нивото на 3,5% минатата година. Ова е најниската регистрирана невработеност меѓу дипломираните студенти од 2011 година.

Речиси сите студенти кои завршуваат медицински специјалности се реализираат на пазарот на труд. Невработеноста кај дипломираните од стручните области „Медицина“, „Фармација“ и „Стоматологија“ е околу и под 1%.

Се зголемува и просечниот приход на дипломираните студенти, достигнувајќи повеќе од 800 евра во 2022 година во споредба со малку над 700 евра минатата година.

Највисока просечна плата земаат дипломираните на „Информатика и компјутерски науки“, таа изнесува малку над 1700 евра. По нив следат дипломираните на „Математика“ (над 1400 евра), „Комуникација и компјутерска технологија“ (над 1400 евра), и „Медицина“ ( малку над 1350 евра) „Јавно здравје“ (околу 1350 евра). На ниво на високо образование, највисоки приходи имаат дипломираните студенти на „Информатика и компјутерски науки“ на Софискиот универзитет (2700 евра), потоа дипломираните студенти на „Администрација и менаџмент“ на Американскиот универзитет (над 2200 евра) и „Информатика и компјутерски науки“ на Нов бугарски универзитет ( малку над 2150 евра).

Споредено со минатата година, најголем пораст на бројот на активни студенти е забележан во насоката „Педагогија“ (709 лица повеќе). Најголемо намалување има во насока „Економија“ (1.098 лица помалку). Сепак, таа насока продолжува да биде најпопуларна во Бугарија со 28.223 активни студенти. Следува „Педагогија“ со 17.083 студенти и „Медицина“ со 13.271.

Во системот за рејтинг за 2022 година, СУ „Св.Климент Охридски“ се најде на прво место во 21 стручна област од вкупно 28. Техничкиот универзитет во Софија се најде на прво место во 6 стручни области од вкупно 9 во кои учествуваше. Медицинскиот универзитет во Софија е прв во четири области од вкупно 5.

„Свети Климент Охридски“ е универзитетот со најголем број активни студенти – 19.999. Следува Пловдивскиот универзитет „Паисии Хилендарски“ со близу 17.000 и Универзитетот за национално и светско стопанство со 14.610 студенти.

Слични Објави