| |

Милков: Бугарија е за брза евроинтеграција на земјите од Западен Балкан, но само, ако се почитуваат правата на Бугарите

Прашањето за европската интеграција на Западен Балкан е процес кој е од директно значење за нас, бидејќи тоа е непосредниот амбиент во кој Бугарија функционира и ја спроведува својата надворешна политика, изјави министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков.

Министер Милков зеде учество во отворањето на шеснаесеттиот меѓународен семинар „Зимска школа за дипломатија“, организиран од Дипломатскиот институт на Министерството за надворешни работи, за странски дипломати од Европската Унија, Југоисточна Европа и од Црноморскиот регион.

„Имаме принципиелен став кој е во корист и поддршка на интеграцијата на земјите од Западен Балкан и тоа треба да се направи што е можно побрзо, но во исто време, тоа треба да се случи врз основа на критериумите кои се дефинирани и врз основа на принципите и механизмите, кои самата Европска унија ги создаде и потврди во овој поглед“, посочи Николај Милков.

Бугарија ги штити правата на нашите сонародници во овие земји и на луѓето кои имаат бугарска самосвест и се чувствуваат Бугари, нагласи министерот.

„Овие нешта не се во спротивност со нашата цел за брза интеграција на Западен Балкан. Напротив, почитувањето на човековите права, почитувањето на правата на здружување, борбата против говорот на омраза и злосторствата од омраза се критериуми за членство на овие земји во ЕУ и тоа е нешто што самата Унија го признава“,вели министерот за надворешни работи на Бугарија.

Во однос на Република Северна Македонија, министерот Милков рече дека Бугарија има јасен став, кој се базира на она што ЕУ го одлучила во однос на Скопје и тоа е основата на т. нар. француски или европски предлог.

„Овој предлог беше прифатен од сите земји членки на унијата, беше прифатен и од Бугарија и од парламентот во Скопје. Кога ќе ги исполнат овие услови, тогаш нивниот пат кон членство ќе биде отворен“, рече министерот Николај Милков.

Слични Објави