Ги потиснавме Русите два километри кај Бахмут, тврди Украина
Украинските сили минатата недела успеаја да ги потиснат Русите на околу 2 километри во близина на источниот град Бахмут, изјави денеска заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Маљар.
„Непријателот не успеа да ги реализира своите планови. Тие претрпеа големи загуби , а нашите бранители напредуваа 2 километри во правец на Бахмут“, објави заменик министерката за одбрана во објавата на Телеграм.
И покрај огромните загуби, Русите не успеаја да го освојат Бахмут
Бахмут е град во источна Украина кој руската војска и платениците од Вагнер со месеци се обидуваат да го освојат. Градот, кој имаше предвоено население од околу 70.000 луѓе, е целосно уништен, но и покрај огромните ресурси што Русија ги потроши за освојување на Бахмут, таа сè уште не го контролира целосно.
Си-Ен-Ен претходно објави за украинските контранапади во Бахмут и за напредувањето на крилата на главните руски сили. Во текот на ноќта, руското Министерство за одбрана ги демантираше извештаите на воените блогери за пробивање на одбранбените линии на руските сили северно и јужно од Бахмут.
