| |

Данска компанија планира да ги прошири инвестициите во обновлива енергија во Бугарија

Данска компанија од секторот за обновлива енергија планира да ги прошири инвестициите во Бугарија, објави на Фејсбук бугарскиот вицепремиер и министер за економија, инвестиции и индустрија Александар Пулев.

На средбата со данскиот амбасадор во Бугарија, Флеминг Стендер, и со претставници на компанијата, Пулев разговарал за проект во североисточна Бугарија. Проектот предвидува изградба на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори и за нејзино складирање.

Според Пулев, ваквите инвестиции отвораат работни места, им овозможуваат на луѓето да стекнат нови вештини и создаваат долгорочни можности за развој на локалните заедници и компании.

На средбата станало збор и за поблиска економска соработка меѓу Бугарија и Данска. Пулев ги посочи политичката стабилност, предвидливото деловно опкружување и довербата во институциите како клучни фактори за привлекување странски инвестиции.

„Презедовме конкретни чекори за да им ја олесниме работата на инвеститорите, воведовме услуги на едно место и ја зајакнавме координацијата меѓу институциите“, напиша Пулев. Според него, целта е компаниите да добијат јасна поддршка од државата, а стратешките проекти да се реализираат побрзо.

Слични Објави