|

Перу го прогласи мексиканскиот претседател за персона нон грата

Перуанскиот конгрес во четвртокот го прогласи мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор за „персона нон грата“ поради неговите изјави за внатрешните работи на земјата, пренесува „Телесур“.

Одлуката е донесена со 65 гласа „за“, 40 „против“ и 2 воздржани.

Изразувајќи поддршка за предлогот, Марија дел Кармен Алва, претседателката на Комисијата за надворешни односи, истакна дека изјавите на Лопез Обрадор претставуваат „прекршување на принципот на немешање“ во внатрешните работи на други земји.

Десничарската политичарка рече и дека одлуката за Лопез Обрадор нема да влијае на односите меѓу Перу и Мексико.

„Единственото нешто што се случува овде е тоа што мексиканскиот претседател не го признава нашиот претседател. Но, трговијата и билатералните односи никогаш нема да бидат засегнати“, рече Алва како одговор на критиките од левичарските пратеници.

Во понеделникот, Комисијата за надворешни односи го одобри предлогот за отфрлање на изјавите на мексиканскиот претседател и го повика Министерството за надворешни работи да не дозволи Лопез Обрадор да влезе на перуанска територија.

Минатата недела Лопез Обрадор ја нарече перуанската претседателка Дина Болуарте узурпатор и одби да ѝ го отстапи претседателството во Латиноамериканскиот трговски блок на Пацифичката алијанса, нагласувајќи дека таа треба да му го предаде претседателството на поранешниот претседател на Перу, Педро Кастиљо, кој ја доби таа позиција преку избори.

Меѓутоа, овој левичарски лидер е во затвор од 7 декември 2022 година.

Болуарте ја презеде функцијата откако Кастиљо беше отповикан и уапсен поради обид да го распушти парламентот и да владее со декрет минатиот декември. Соборувањето на Кастиљо беше критикувано од левичарските сојузници од Латинска Америка, вклучително и од Мексико, кое им даде азил на сопругата и децата на Кастиљо.

Лопез Обрадор рече дека нема му да го предаде привременото претседателство со Пацифичката алијанса на Перу бидејќи Болуарте „не е легално или легитимно претседател на Перу“.

Во вторникот, откако дозна за иницијативата во перуанскиор конгрес, Лопез Обрадор рече дека е горд што е прогласен за „персона нон грата“.

Слични Објави