| |

Ксино Неро- загубениот гроб на архитектот

Пишува: Владимир Перев

Горно Врбени, или Екши Су, или пак на современото грчко име Ксино Неро (Ξινό Νερό) Леринско, е едно од најубавите села во Егејска Македонија. Сместено на околу 600 метри надморска висина со повеќе од илјада жители, селото е вистински бисер на Леринско. Улиците се асфалтирани, селото е брдовито и збиено, личи на мало гратче, а насекаде царува мир и спокојство. Завидна е уреденоста на местото и чистотата, куќите се речи си сите обновени, а може да се види и некоја постара, некогашна прекрасна градба,како сега стои напуштена и оставена на (не)милоста на времето. Напуштена е веројатно од општопознати причини кои досегаат до Втората светска војна и периодот до 1948 година по војната. Говорниот јазик е грчки, тоа се слуша во секојдневната комуникација меѓу жителите, но овде сите говорат и македонски, сите се на македонистичната страна на историјата и никој не се плаши тоа јавно да го каже. Впрочем, Екши Су е родното место на многумина херои и познати личности: воводата Александар Турунџев, филмскиот актер од Холивуд Благој Стефанов кој имал и сопствено студио кое опстанало и во поновото време, Коле Поповски, македонски научник-ветрерина, Андон Каргов, емигрант во САД и издавач и финансиер на првиот том од спомените на Ванчо Михајлов, Пандил Шанев, деец на македоно-бугарската емиграција во САД и претседател на МПО и ред други.



Во топлото летно претпладне, во центарот на местенцето, како во неореалистичните филмови на Де Сика или Фелини, во бавчата на месната таверна, седат мештаните во поодминати години и си говорат за последните собитија. Им приоѓам, проговорувам и веднаш ме препознаваат како македонец. Љубезни се и разговорливи. Што барам, што ме интересира, кого барам, се вообичаените прашања.

Ја барам црквата “Св. Атанасиј“ и гробиштата таму, одговарам, а на прашањето зошто ми треба, велам дека го барам гробот на еден командант на “Охрана“, загинал од партизанска мина на излезот од селото, некаде околу октомври 1944 година.
Аааа, се слуша едно отегнато од седнатите старци. Знаеме, знаеме, нашите стари за него ни кажуваа. Тој беше бугарин, беше со комитите и со германците. Загина несреќно, ама на погребот му пееја песни учениците од училиштето и комитите “фрлаа пушки“, вели еден од нив…демек, комитите пукале во знак на почест. Не беше бугарин, им велам јас, роден е во с. Тресонче, дебарско, бил македонец…достојно држејќи сѐ на македонистичната традиција на место. Не е важно, ми одговара старецот, “тога’ј тоа беше истата работа“! Тога’ј биле тешки времѐна, ми вели. Ама, вели соговорникот, мислам дека “го извадѝја“…оди види, ако е таму, “ќе разберѐш, на гробот му пише на булгарски“, веднаш е до вратата на црквата.

Тешки моменти преживува населението од Костурско, Воденско и Леринско за време на Втората светска војна. Територијата е нејасно разделена меѓу Германија и Италија, но администрацијата и власта се во рацете на грчките колаборационисти. Добро организирани и подготвени, единствената задача им е да служат на германскиот/италијанскиот окупатор, а притоа да вршат насилија и етничко чистење врз “славофонското“ население во тие региони. Во тие области дејствуваат паравоените колаборационистички чети и мародерски милиции на грчкиот полковник Георгиос Пулос, како и четите на ЕЛАС, кои кон крајот на 1942 година ги напаѓаат не само германските и италијанските војскки, ами и македонските/бугарските села, барајќи плен и опскрба. Конечно, Ванчо Михајлов со помошта на Анте Павелиќ, успева да ги убеди италијанските водачи Бенито Мусолини и Галеацо Чано, да помогнат на народот и да го вооружат за борба против грчките паравоени единици. Бугарија, како и обично, откажува да помогне, плашејќи се од заострување на италијанско-бугарските политички односи. Така се формира Организацијата “Охрана“ позната официјално Македонобългарски комитет при Оската (Βουλγαρο-Μακεδονικό Επαναστατικό Κομιτάτο παρά τω Άξονι), Централен българомакедонски комитет, Българомакедонски революционен комитет (Βουλγαρικο-Μακεδονικο Επαναστατικο Κομιτατο) или просто наричана Комитето од месното население. Во своето најдобро време “Охрана“ брои околу 1600 вооружени припадници, за по падот на Италија нивниот број постепено да се намалува, Организацијата дејствува до падот на Италија, во септември 1943 година, за потоа да премине под германска заштита, да се наоружа со германско оружје, да го брани македонското население од андартите, но и да го заштитува отстапувањето на германската армија кон север. Во борбите против ЕЛАС, “Охрана“ дава 288 убиени и 175 ранети комити. Организацијата ја предводат двајца искусни офицери, Андон Калчев и Георги Димчев, а во неа раководни места имаат Иван Илчев и архитектот Борис Дамјанов Огњанов, роден во Тресонче. Кон крајот на војната организацијата се самораспушта, а последните единици во Костурско, Леринско и Екши Су, го положуваат оружјето на 15-16 септември 1944 година. Повеќето од членовите на “Охрана“, преминуваат во ДАГ и се борат во Грчката граѓанска војна на страната на ДАГ. По војната емигрираат во Југославија или во некои од социјалистичките земји, за потоа да заминат преку океанот. Оние кои останале во Грција, но и некои во Македонија, по војната се судени за нивното учество во “Охрана“ а имотите им се конфискувани-барем на оние на кои им останало нешто.

Архитектот Борис Дамјанов Огњанов е еден од раководителите на “Охрана“. Завршил архитектура во Прага, каде живее и успешно работи, одличен познавач на германскиот јазик. Тој, иако живее мирно и непречено од никого, решава да се вклучи во борбите за заштита на населението во Егејско. Се јавува доброволно и Иван Михајлов го назначува, заедно со Иван Илчев да бидат раководители во регионот на Екши Су. Интересното е што Борис Дамјанов, никогаш во животот не се служел со оружје. Загинува во несреќен случај во близина на селото, патувајќи кон Лерин на разговор со германската команда, кога неговото возило нагазува на мина, која партизаните ја поставиле против германската војска. Недовиот соборец Иван Илчев, успева да се извлече од стапцата на комунизмот, бега заедно со Михајлов во Австрија, за потоа да замине за Вашингтон ДС, САД. Таму ја води бугарската секција на “Гласот на Америка“, член е на МПО и работи како советник во ЦИА и Стејт Департментот на САД, за прашања поврзани со политиката и историјата на Балканот, специјално Македонија и Бугарија. Умира во ноември 1995 година на Флорида.
Со него се сретнав 1995 година во Вашингтон ДС, на Конвенција на МПО. Тогаш прв пат разбрав за трагичната судбина на Борис Дамјанов и за напорите на “Охрана“, да ја задржи Македонија под бугарска власт и да не дозволи комунизмот да завледее на овие пространства. Знаеме, нивната мисија била неуспешна, веројатно однапред меѓународно осудена на пропаст.

Брат на Борис Дамјанов е прочуениот бугарски писател, публицист и поет, воедно и уредник на “Радио Слободна Европа“, политичкиот емигрант, Христо Огњанов. Се сретнавме во Софија и ми даде опширно интервју за неделникот “Фокус“ (Никола Младенов, Зоран Димитровски) за неговото учество во преговорите на Ванчо Михајлов со германските власти за формирање на Независна македонска држава, под германски протекторат. Преговорите завршуваат без успех, Михајлов одбива да соработува со германците и потоа двајцата заминуваат за Австрија. Во интервјуто не го спомна името на својот брат, но во приватен разговор, со болка во душата говореше за бесмислено изгубениот живот на млад, успешен човек. Христо Огњанов е име на културата на Западна Европа, носител на многубројни одликувања, како и највисоки признанија од папата Јован Павле Втори.
Ете затоа, заради насолзените очи на поетот и политемигрант Христо Огњанов, тргнав да го барам гробот на неговиот брат. Полека ја минувам угорницата кон црквата, за конечно, на самото место да видам уредени гробишта и мала но уредена црква. Местото околу црквата е посеано со нови гробови, забетонирано и нема никаква трага од некаков стар гроб, уште помалку, да биде напишан на кирилица.

Се враќам назад, мештаните внимателно ме слушаат, и самите разочарани од чуеното. Ние одамна не сме биле таму, ми велат, тешко ни е да се качиме горе, ама и порано ни “казаа“, дека гробот е “откопан“…не знаеме каде завршија коските.
Разочаран, се враќам назад, размислувајќи за злата коб да живееш на Балканите и за пострашното нешто-својот гроб да го имаш овде. Нема ниту политичка, ниту национална логика во стореното. Ксино Неро е македонистично село во Грција, а Борис Дамјанов се борел за бугарската кауза таму, нешто кое денес не одговара на импресиите на мештаните за себе си и своето минато.
Зарем до таму стасавме, и гробовите да ни пречат?!



Слични Објави