|

Движењето Европа сега победи на изборите во Црна Гора, но тешко дека ќе формира стабилна влада

Движењето Европа сега (ПЕС) победи на вонредните парламентарни избори во Црна Гора, а зад неа е Демократската партија на социјалистите (ДПС), покажуваат податоците на мониторинг-центарот (ЦЕМИ) врз основа на 99 отсто од обработениот примерок.

Движењето Европа сега, кое е предводено од поранешниот министер за финансии Милојко Спаиќ, освои 25,6 отсто од гласовите, што значи 23 мандати во парламентот, а коалицијата „Заедно“, предводена од ДПС и Даниел Живковиќ, освои 23,8 отсто од гласовите, што би значело 21 мандат. Во коалиција со ДПС се и социјалдемократите (СД), Демократскиот сојуз на Албанците (ДУА) и Либералната партија (ЛП).

Спаиќ во изборната вечер на конференцијата за новинари во Подгорица изјави: „Очигледно е дека ќе формираме нова поевропска влада“.

Спаиќ најави водење разговори со сите што делат заеднички вредности и рече дека е јасно со кого нема да има коалиција – со Демократската партија на социјалистите и со граѓанското движење УРА.

Третото место го зазеде коалицијата „За иднината на Црна Гора“ со 14,8 отсто од гласовите, односно 13 пратеници, а коалицијата на граѓанското движење УРА освои 12,3 отсто од гласовите и ќе има 11 пратеници.

Според податоците на ЦЕМИ, во парламентот треба да влезе и коалицијата на Социјалистичката народна партија (СНП) и ДЕМОС, која доби 3,3 отсто од гласовите и три мандати. Пратеници ќе имаат и четири малцински листи, Бошњачката партија (6,9 проценти и шест мандати), Албанскиот форум (2 проценти и два мандата), Албанската алијанса (1,4 процент и еден мандат) и Хрватската граѓанска иницијатива (0,6 проценти и еден мандат).

Сепак, познавачите коментираат дека ваквите резултати не гарантираат стабилна влада.

Координаторот на мониторинг-тимот во ЦЕМИ, Огнен Митровиќ, во утринската програма на ТВЦГ рече дека со овие резултати нема да биде лесно да се формира стабилна влада.

Тој потсети и дека одѕивот на изборите била многу ниска, односно 56,7 проценти, многу помалку отколку на претходните избори одржани во последните седум години.

Црна Гора влегува во период на политичка нестабилност и ќе бидат потребни уште неколку избори додека не се стабилизира ситуацијата, изјави професорот од Универзитетот во Бостон, Веско Гарчевиќ, за Радио Слободна Европа.

Според Гарчевиќ, единствената стабилна коалиција би била онаа што ќе ја формираат Движењето Европа и Демократската партија на социјалистите, „но прашање е дали тоа е можно“.

„Сите други коалиции би биле краткорочни. Исто така, можно е владата да не се договори во рокот, што би довело до нови предвремени избори веќе наесен“, вели тој.

Црна Гора во последните три години минува низ период на политичка нестабилност.



Слични Објави