|

Евакуираните жители се вратија по експлозијата и затекнаа ужас, Неа Анхиалос како „град на духови“

Пожарот во околината на Волос, во централна Грција, кој предизвика експлозии во воен магацин, е ставен под контрола, соопшти Противпожарната служба на таа земја.

Како што јави телевизијата ЕРТ, 90 пожарникари од четири групи воена пешадија, 31 возило, пет авиони и еден хеликоптер биле ангажирани во гаснењето на пожарот во областа Магнезија, во Тесалија, каде што се наоѓа Волос.

Пожарот доведе до серија силни експлозии во четвртокот во складиште за муниција на воздухопловните сили, недалеку од Неа Анхиалос во Тесалија.

По експлозиите биле известени жителите на Неа Анхијалос, Ступи, Веланидија, Маратос, Критарија, Сорос, Кастраки, Кокино и Перивлептос да се евакуираат.

Од експлозиите нема жртви или повредени, јавува ЕРТ.

Во Неа Анхиалос, крајбрежната стража ги качуваше граѓаните на приватни чамци, кои се собраа во пристаништето. Граѓаните беа пренесени на пристаништата во Волос, а потоа во градскиот изложбен центар. Во тој простор се сместени повеќе од 1.000 луѓе.

Новинарите на ЕРТ јавуваат дека Неа Анхијалос утринава изгледа како „град на духови“, со знаци на уништување предизвикани од повторените експлозии на воена опрема.

Искршените прозорци, оштетените фасади на куќите и отворените порти сведочат дека нешто лошо се случило во тоа гратче, кое жителите биле принудени да го напуштат.

Еден корисник на Твитер дури ја спореди ситуацијата во Неа Анхиалос со експлозиите со Перл Харбор.

„Градот е празен од вчера и полека некои се враќаат за да видат колкава штета е направена. Жителите ги напуштија Неа Анхијалос во 18 часот попладне, оставајќи ги своите автомобили зад себе“, велат новинарите на ЕРТ.



Слични Објави