Ќе се признаваат лиценци за трговија и снабдување со електрична енергија со Косово
Македонските снабдувачи и трговци на електрична енергија ќе може да тргуваат, но и да ги снабдуваат корисниците на косовскиот пазар, а оваа можност ќе ја имаат и косовските трговци/снабдувачи, кои имаат лиценца – ова е конкретната придобивка од меморандумот што го склучија Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕ) и Канцеларијата на енергетскиот регулатор од Република Косово (Energy Regulatory Office). Во присуство на министерката за економија на Косово, Артане Ризваноли, првите луѓе на регулаторните тела, Марко Бислимоски и Имер Фејзулаху, ставија потпис на меморандумот, со кој меѓусебно се признаваат издадените лиценци за снабдување/трговија со електрична енергија.
Итегрирањето на регионалните пазари е чекор што води кон единствен пазар на електрична енергија на Европската Унија, изјави Марко Бислимоски, претседателот на РКЕ.
„Договорот ќе ја забрза енергетската транзиција и ќе биде мотив за нови инвестиции во обновливи извори затоа што произведената електрична енергија во земјата ќе може да им се испорача веднаш на корисниците во Косово. И ова е всушност реципрочен механизам, исто така и електричната енергија произведена во Косово ќе може лиценцираните трговци да им ја нудат на потрошувачите кај нас. Во енергетиката нема мала и голема слика – туку има само стратешко поставување и реализација на целите што ќе донесат сигурност, стабилност, намалена енергетска зависност и зголемено производство. А токму нашиот фокус кон транзицијата и инвестициите во ОИЕ го преполови увозот на електрична енергија, кој пред кризата изнесуваше 30, а сега е 15 %“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Договорот во пракса значи намалување на административните бариери за лиценцираните снабдувачи/трговци со електрична енергија, посочи претседателот на косовското регулаторно тело за енергетика, Фејзулаху.
„Преку овој договор ги отвораме вратите за нови можности за снабдувачите и трговците со енергија и во Косово и во Северна Македонија со намалување на административните бариери за трговците да влезат на овие два пазара“, рече Имер Фејзулаху од ЕРО.