| |

СОЗДАВАЊЕ НА ПОЛИТИЧКИТЕ НАЦИИ- ДЕКОНСТРУКЦИЈА НА ИСТОРИСКИТЕ ЛАГИ И МИТОВИ

Последниот извештај, со кој Македонија беше рангирана на последното место заедно со Турција, како медиумски најнеслободна земја, во која лажните вести најмногу се застапени, и населението е медиумски најнеписмено секојдневно си добива на потврда.  Еден манипулативен сајт, тотално спинерски, извртувајќи го напишаното, создаде еден непостоечки наслов, со кој ми накалеми изјава : Историчарот Атанасоски: ,, Македонците постојат од  1944 година“. Потоа истата се прошири низ социјалните медиуми, како класична лага, проголтана од  консументите. Во нормални цивилизирани земји, тоа се решава на суд, но како либерал и демократ по убедување , ги почитувам медиумите и медиумските работници, и покрај тоа што се согласувам со своевремената изјава на медиумскиот могул Велија Рамковски дека „ и новинарството се претера“.

Нејсе, да ја демистифицираме мислата која беше извадена од контекст, а имено тоа дека македонската ПОЛИТИЧКА нација е создадена во 1944 година, односно годината, кога Република Македонија е конституирана како државно-правен субјект во рамките на СФР Југославија со сите свои атрибути на државност.  Аналогно на тоа, германската политичка нација е создадена во 1870 година, кога се сеобединиле 36-те германски кнежества во една заедничка држава на Германците,  од страна на првиот германски канцелар Ото Фон Бизмарк. Истото се однесува и на Италија, која  ги обединила различните италијански региони во една национална држава . Впрочем  политичките нации на Бугарите, Грците, или Албанците се создале во годините, кога се создале независните држави на овие народи, соодветно во 1878, 1830 и 1912 година.

Имено  политичката нација е социоконструвистичка творба, која се создава во одреден историски момент, кога се создале геополитички и регионални услови. Всушност, политичката нација се конструира околу еден историски наратив, мит околу кој потоа се создава  националната историја на новоформираната политичка нација. Најчесто, но не секогаш како правило запишано, политичката нација се крепи од националниот јазик, кој  ја филтрира нацијата, од другата соседна. Таква диференцијација се случила на словачкиот народ од чешкиот, кога се создавала словачката нација, иста кај украинскиот народ од рускиот, кога се конституирала политичката нација на Украинците,  норвешкиот од шведскиот, и многу, многу други примери низ историјата на стариот континент и низ светот.  Дури и  „ преседанот“ со Австријците, кои не создале низ вековите свој литературен австриски јазик, различен од германскиот, како код на разликување, но се политичка нација со векови, постари од политичката нација на Германците, ни покажува различен историски од на народите кои се трансформирале во политички нации низ годините. Денеска Палестинците, Курдите, Баскијците се посебни народи, со своја култура, историја, традиција, свој посебен етнос, но не се политички нации, бидејќи ја имале историската несреќа да не создадат свои државно-правни субјекти во кои ќе ја градат својата политичка нација.

Што да правиме ние Македонците и кому да му се лутиме , што македонскиот народ, последен од сите балкански ја создаде својата држава во рамките на една поширока федерација, и почна да ги гради своите државотворни елементи? Историјата и времето не можеме да го вратиме назад , и ние да бидеме тие кои први или  понапред  создале своја држава, а консеквентно на тоа и политичка нација. Црногорците исто како и нас, имаат бурна историја, испреплетена со историјата на нивниот „ поголем српски брат“. Црна Гора, дури, за разлика од нас, неколкупати низ историјата ја добивала својата автономија/ независност од Отоманската империја, па потоа ја губела потпаѓајќи под  Кралството Србија, или кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Црна Гора денеска е само 12 години независна држава, и во таа една деценија го уредува својот политичко-национален идентитет. Имено, неколку години после стекнувањето на независноста, од  државната заедница Србија и Црна Гора, Црногорците го воведоа црногорскиот јазик како службен низ училиштата, кој претходно се именуваше како „ матерни„ ( мајчин) јазик. Каде гледаме спор или невистина ако кажеме дека денеска  црногорската политичка нација се ревитализира или се гради како модерна пол. нација, како што македонската почнала да се гради своевремено во  веќе далечната  1944 година?!.

Патриотизам не претставува, изнесување тотални бесмислици со кои светот ни се смее, дека македонската нација е стара преку 2.000 години, или уште пошизофрено , дека Македонците го создале човештвото, и од ним потекнува целата бела раса. Напротив , тоа е идиотизам. Македонските историчари, како научници, треба да и погледнат на македонската историја без комплекс на пониска вредност во однос на останатите народи, без страв , да ги истражуваат историските настани, личности и околности и да ја презентираат историската вистина со факти, аргументи и  темелност. Македонците заслужуваат  да живеат во една просперитетна  држава, земја на среќни граѓани,  со голема благосостојба и животен стандарт, и граѓани кои ќе си ја знаат, ценат и сакаат својата историја, и своето минато, без комплекси, историски фрустрации или митологизации.

Автор: Благојче Атанасоски, историчар, м-р по политички науки



Слични Објави