Дали се (зло)употребува геополитиката?
Facebook статус на Никица Корубин
Чувството дека на ЕУ и САД им е побитна европската иднина на Македонија, како современа и функционална држава Северна Македонија, во однос на (речиси) сите партии и структури, се’ повеќе се засилува; ако било кога и отсуствувало. Но, во ситуација кога регионалната, европска и светска безбедност и одржлив поредок е на сериозно искушение, што мислите, дали локалната партократија (власт и опозиција) се однесува одговорно, како и што приличи на земја членка на НАТО и кандидат за ЕУ или неодговорно, како што приличи на земја која е заробена од наследените “елити”, распослани насекаде околу нас?
И ако веќе е апсолвирана работа, дека “структурите” кои ја опструираат европската иднина на државата, кои пак исто така се распослани низ сите партии, кога веќе се насекаде околу нас, особено каде што е било каква форма на влијание и власт (медиуми, бизнис заедница, факултети, институти и академии, па се’ до секој синдикат, комора или невладина организација), на лично и колективно ниво; тогаш секако не изненадува што “ударите” доаѓаат од сите страни, и лево и десно, и центар. Тотална карма-каша, што е впрочем и целта. Да не може “да се фати” почетокот, но да може да се насочи крајот. А, тој никако не смее да биде во ЕУ.
А, за да никогаш не стигнеме до ЕУ, во ситуација на 30-годишно заробување на општеството, исцрпување и ослабување на институциите (темелот на секој функционален систем), партизираење и гетоизирање на граѓаните, инфантилизирање и идиотизирање преку пропагандата и медиумите, милитаризирање преку лажната одбрана на идентитетот и одбрана на идеолошкиот наратив; последното што се прави е најлогичниот след на околности: компромитирање на ЕУ, како идеја и систем.
Од најбаналното, но и најопасно “ЕУ не ни треба”, до посуптилното “ЕУ не’ не сака и има специјални критериуми за нас”, до најекстремното “ЕУ е во криза, проширувањето ќе се замрзне, а можеби во меѓувреме ЕУ и ќе се распадне”. Како и да “завртиш”, “ЕУ не ја бива”. Таа намерно примордијална и примитивна порака, која треба секој граѓанин да ја “проголта” е дека нема одржлив, успешен и современ модел со кој тој/таа може да се идентификува.
А, ако граѓаните не може да се идентификуваат со сопствената држава, и ако единствената надеж и втора идентификациона точка како што е ЕУ, на дневна основа жестоко, намерно и наменски се компромитира, на кого тие треба да веруваат?
И тука е веројатно дилемата на нашата “јавност” како топтан структура од сите “структури” (партиски, бизнис, медиумски, невладини). Дали е поисплатливо, граѓаните да не веруваат на никого, па ЕУ перспективата да биде “вшмукана” како колатерална штета или да веруваат на “добриот, стар, никогаш прежален, но мртов југословенски систем” кој ете, може во друго руво и стариот хегемонизам, повторно да не “земе” во своите прегратки. Тешка дилема.
И затоа, така апатични, исцрпени, со право разочарани, нека не ве изненадуваат сите (не)принципиелни договори, закони, решенија и идеи, тоа е последниот удар на еден систем на “заробена држава”, која најбрутално ја злоупотребува геополитиката и нејзината ограничена моќ на јавно делување, за свои (секогаш) “ситни”, локални и себично-лични бенефити и привилегии. Која оваа држава, секако никогаш не ја сметала за своја.
И токму затоа, на прв поглед, се чини дека на ЕУ и на САД, побитна им е Северна Македонија, отколку на нас самите. Затоа што прво не’ штитат од “нашите”, а второ не’ штитат од нашето незнаење за нас самите, односно од најефикасното нешто, што кај нас функционира: системот на лаги, манипулации и контрола на информациите. Но, кога информацијата конечно “ќе се пробие”, што ќе остане од “злоупотребата и контролата”? Затоа што “геополитиката”, секако не оди никаде. Таа е тука, а тука треба да останеме и ние. Како држава, општество и граѓани.
