| |

ЗА РАКОМЕТОТ, ТОЈ ПРОКЛЕТ ОПИУМ ЗА МАСИТЕ!

Кој му е крив на играчот со број 5 што не е вицепремиер туку само професионален ракометар.Би било поинаку доколку е на платен список на “кохезивната и инклузивна влада” на Заев&Ахмети, така Тито би бил поштеден, несоблазнет и несцрвенет во ушите.

Со надалеку познатите манири усовршени во Поранешната Република, старо-новите актери се промовираа себе си за основачи на Северната Република, постојано и гласно извикуваат- Кралот е мртов, да живее Кралот! Подготовките за релативизација на отворените прашања разбирливо се и ќе бидат насочени кон “успешно спроведување на претседателски избори”, потпомогнати од дузината Муковци, Канчевци и сличните на ним, за среќа, ДПМНЕ изобилува со таков кадар.

Разбирливо,на маговите за манипулација на јавното мислење одамна им е јасно дека ниту членството во НАТО, ниту било какво друго лижалче со ознака – Made In Brussels – нема да биде доволно да се мобилизираат кметовите запишани или не, во единствениот гласачки список. Затоа и не е исклучено понатамошно зацврстување на инструментите со кои партиите ќе зајакнуваат за сметка на државните институции и јавниот интерес ( некој злонамерно би рекол дека максимумот одамна е постигнат) Затоа што како што добро функционираше компанијата Никола&Али, нема причина таквиот елан да отсуствува кај Заев&Ахмети. И да, сите се за НАТО, ЕУ, владеење на правото, имаат биолошки отпор кон корупцијата и бла,бла,бла…Партиската администрација вгнездена и доминантна во сите нивоа на државата, систематски и прецизно менаџира со деликатниот баланс меѓу “власта и опозицијата”, таа драгоцена зеница на сиот наш ” работен народ и прогресивно граѓанство” Конечно,последниот и веројатно најсилен аргумент по кој ќе посегнат е секако стравот.

Стравот од “меѓуетнички судир” “русите доаѓаат” “ “евроатлантските аспирации се доведени во прашање” и сл. е рефрен кој неретко го користат многубројните владини делегации како аргумент дека во јуни мора да се добие датум. Тоа е донекаде и разбирливо, нова фирма, нов почеток, чисто досие. А со досиеа од секаков карактер, ние во земјава имаме богато искуство. А бидејќи здружувањето од памтивек “нѐ прави посилни”, будни и внимателни како СКЈ и Сојузот на Социјалистите, обединети во своите деловно-партиски интереси, СДСМ, ДПМНЕ,ДУИ, секој во “рамките на своите надлежности” ‘ќе се пресметува со секој обид за афирмација на поинаква политичка иницијатива, култура, поведение, со заеднички слоган – Другите се полоши од нас!

Автор: Ѓорѓи Трендафилов, претседавач со Националниот комитет на Граѓанско демократска унија- ГДУ



Слични Објави