НЕ Е ВАЖНО
Не е важно колку е голема твојата банкарска сметка, колку голема куќа имаш, колку брза кола возиш и на кое езеро ти е викендичката… Важно е што внесуваш во животот на другите, им внесуваш ли мир или немир. Дали со твоето присуство се чувствува напнатост и другите едвај чекаат да ја напуштиш просторијата или го сакаат твоето присуство и сакаат што подолго да бидат присутни таму каде што си и ти. Ти си тој кој одлучува.
Не е важно што имаш, важно е како им пристапуваш на луѓето. Дали ќе им пристапиш со почитување или ќе го „дигнеш носот до небо“, затоа што на некој начин имаш постигнато поголем успех од оној на кој му пристапуваш и мислиш дека никој не ти е рамен. И престануваш да ги бараш луѓето кои некогаш ти биле блиски, кои те подржуваа и кои со тебе делеа добро и зло. Сега веќе кога си над постигнатото, бараш луѓе кои се угледни и видени во општеството и секако се поважни од луѓето со кои некогаш беше опкружен.
Не е важно што имаш, важно е какви чувства побудуваш кај другите. Дали тоа се нежни чувства полни со топлина и радост или тоа е едно од помачните чувства кога треба да избираш зборови во нечие присуство, да внимаваш како се однесуваш бидејќи зборуваш со некој кој е над тебе. Разбуди си ги позитивните чувства, нека луѓето и после твоето заминување од некоја забава долго ќе зборуваат колку позитивен лик си ти.
Не е важно што имаш, важно е како ќе го поделиш тоа со другите. И не сè што имаш е причина да се однесуваш како да си над сите други бидејќи утре можеш да изгубиш сè и да се запрашаш зошто така се однесував кон другите… И зошто на сопственото его му дозволив да ми го контролира животот по сопствен параметар и да ми ги скине сите конци и да изгубам сè па и самиот себеси, посебно оние со кои бев опкружен, луѓе на кои им верував но и тие мене, луѓе со кои делев добри и лоши моменти. За сè сами одлучуваме.
Кога се качувате по скалата на успехот добро запомнете ги луѓето кои ги сретнувате, многу е веројатно да ги сретнете повторно кога се симнувате надолу. Но како сте се однесувале со нив така и тие ќе се однесуваат со вас.
Aвтор: Фросина Китановска

