Петровска на конференцијата на началници на Генералштаб на земјите на САД – Јадранската повелба: успешен регионален механизам со потврдени резултати
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, се обрати на годишната конференција на началници на Генералштабот на земјите членки на САД – Јадранската повелба, на која присуствува и генералот Кристофер Каволи, командант на Армијата на САД за Европа.
„Резултатите од дејствувањето и соработката на оваа иницијатива се повеќе од видливи и нашироко препознаени. Четири од постојните пет нејзини членки се полноправни членки на НАТО, но и заеднички придонесувавме во поддршка на меѓународниот мир и во меѓународните операции првично како А3, а денес како А5. Нашиот заеднички придонес во мисијата ИСАФ и одлучна поддршка беа широко препознаени и високо вреднувани од нашите сојузници“, рече Петровска.
Таа се заблагодари за континуираната американска поддршка, која, потенцира, беше најсилен мотиватор за реализација на евро-атлантските агенди на членките на Повелбата. Дополнително, се осврна и на концептот за ревитализација, чија имплементација почна под претседателство на Северна Македонија, а преку кој се интензивира меѓусебната соработка и се развија нови идеи и проекти.
„Поддршката на САД и EUCOM во имплементација на проектите во рамките на А5 е од непроценливо значење. Во изминатите две децении САД беа најсилните мотиватори и поддржувачи на европските и евро-атлантските агенди на земјите членки на Повелбата. Без вашата несебична поддршка сите ние немаше да бидеме онаму каде што сме денес. Благодарни сме за вашата поддршка кон сите нас. Убедена сум дека поддршката ќе продолжи со несмален интензитет и во следниот период и во реализација на идните планирани проекти во рамките на Повелбата“, рече таа.
„Свесни сме за промените во безбедносната околина во евро-атлантската војна, кои настанаа со непровоцираната и неправедна агресија на Русија врз Украина. Оваа војна придонесе да се променат и доктринарниот и концептуален пристап во војувањето денес, а и во иднина. Позната ни е и улогата што ја имаат хибридното војување, дезинформациите и современите технологии на бојното поле. Тоа се предизвици на кои сите ние заедно треба да одговориме што побргу. Темата која е предмет на дискусија на оваа конференција е навистина предизвик за сите нас, како и со кои механизми ќе одговориме денес и во иднина. Верувам дека има доволно мудрост, умешност и вештина да се пронајдат вистинските механизми за одговор на овие предизвици на современото војување“, додаде Петровска.
