7-МИ МЕЃУНАРОДЕН ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ „ОДА“ ВО ТЕТОВО
Со проекција на документарниот филм „Кобра“ од Игор Иванов–Изи, денеска во Тетово ќе биде отворено седмото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Ода“.
На Фестивалот, кој оваа година ќе понуди шест програми со цел да ја опфати публиката од најмали до најголеми, освен филмот „Кобра“, кој е посветен на животот на борачот во слободен стил Шабан Трстена, ќе се одржат и повеќе работилници со познати филмски работници од земјава и од странство. Во рамките на детската програма ќе бидат опфатени наградувани анимирани филмови на Берлинале, кратки докумантарни, анимирани и научно-фантастични филмови, додека од долгометражните, ќе бидат застапени филмови од програмите Сине Балкан панорама, Сине Европа и Сине ретро.
Проекциите ќе се реализираат во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово, а проекциите на ретрофилмовите, поради амбиентот, ќе се одржат во комплексот Арабати баба теќе.
Во рамките на програмата за балкански филм, утре ќе биде прикажан филмот „Тајната состојка“ на режисерот Ѓорче Ставревски.
