| |

Адмирал Ефтимов: Приоритет е инфраструктурата долж Коридорот бр. 8 и поврзувањето Југ-Север

Во услови на војната на Русија во Украина се наметна прашањето како да се зајакне одбраната на земјите од НАТО, а поконкретно на југоисточното крило каде се наоѓаат Бугарија и Романија. Ова го изјави началникот на одбраната на Бугарија адмирал Емил Ефтимов, пренесува БГНЕС.

„Усвоен е адаптиран пакет за напредно присуство за Бугарија и Романија. Во рамките на адаптираното присуство, почнавме да зборуваме за Поморскиот координативен центар во Варна, почнавме да зборуваме за засилена воздушна контрола, за мултинационална бригада во Романија и неколку други иницијативи за обука што се случуваат“, рече началникот на одбраната пред БНТ.

Тој потсети дека во врска со ова е создадена мултинационалната борбена група и за време на самитот на НАТО во Вилнус беше одлучено оваа борбена група да се зајакне до бригада.

„За да се зајакне до бригада, мора да се создадат соодветни услови. Зборуваме за инфраструктура. НАТО може релативно брзо да реагира по воздушен и по морски пат, но да се реагира на копно, да се распоредат сили и средства е многу сложен логистички и интензивен процес. За таа цел треба да имате инфраструктура“, објасни адмирал Ефтимов.

Шефот на одбраната изјави дека „министерот Тодор Тагарев рече дека на овие сили им требаат потребните материјали за да се обезбедат транспортни коридори – железнички, патни, морски“.

Адмирал Ефтимов истакна дека Бугарија се стреми да ја обезбеди оваа поврзаност во две насоки. „Југ-Север од Александрополис до Романија и по коридорот бр. 8 од Јадранското Море преку Албанија и РС Македонија до Бугарија. Оттаму можете да одите до Црното Море или на север кон Дунав мост“, рече тој и додаде дека двата коридори се приоритет. „Коридорот 8 се развива и јас сум оптимист дека ова нешто ќе се случи.

Адмирал Ефтимов изјави дека од почетокот на промените во Бугарија не е изградена значајна инфраструктура за користење од армијата. „Наш национален интерес е да ја подобриме нашата инфраструктура“, рече тој на прашањето кога ќе започне нејзината изградба.



Слични Објави