| |

Мојата нова земја, Ладонија

Пишува: Ѓорѓи Трендафилов

За надомест од 5000ден и нешто ситно, граѓанин на оваа земја, под услов, секако да има важечки документи за идентификација, може да побара ,,отпуст од државјанство,, Верувам дека во моментов најбројна ,,етничка заедница,, во земјава се апатридите

Вест на минатата седмица ќе беше ако поранешниот министер за внатрешни работи Спасовски,чувствуваше барем малку одговорност за хаосот со личните документи на граѓаните. Тој, како и мнозина како него и околу него, искрено признава, нема зошто, преземено е се ,, согласно позитивните законски обврски,,. Ова со години го изговараат разноразни избрани и именувани ,,функционери,, небаре станува збор за некаква магична формула научена одамна во Хогвортс, собирајќи го при тоа, најлошото од Слитерин.

Со политичките изјави, како да се излезени од партиско државната номенклатура на Германската Демократска Република (DDR) во нејзините последни денови, не понижуваат секојдневно дома, пред амбасадорите и на меѓународната сцена, нивната неспособност, отсуството за мера и елементарното поведение, станаа заеднички именител за сите нас.
Се формираат и распаѓаат секакви/некакви коалиции, она за што се залагаа вчера, денеска веќе е минато. Веќе и не се обидуваат да се ,,кријат,, по куќи, станови и хотели. Аукцијата е јавна.

Која е моралната основа како претпоставка дека јас и припаѓам на оваа држава и таа ми припаѓа мене, како единствена кон која имам права и обврски? Како се манифестира тој однос? Имам ли морално право и обврска да ја поддржувам егзистенцијата на таквата креатура која очигледно не работи во интерес на заедницата, или барем на дел од неа.

За ограбениот е сеедно дали крадецот е бел или црн, џебот му е секако празен. Институционалната меморија на една државна заедница претставува лична карта пред светот. Оваа лична карта (што ја немам) не чувствувам дека ме претставува мене. Па макар и да ми ја издадат во Венеција.

Кога остануваат обврските и мерките на присила за да се обезбеди функционалност, престанува секаква ,,природна,, врска и односите се градат на сосема поинаков начин. Тивкиот молк и бојкот, секогаш се почеток и на ,,најмалата врева,,
Попусто амбасадорката на САД подарува книги. Треба и да се читаат.

Слични Објави