Бојмацалиев: Вложени 12.800.000 денари во европски работни услови во ОВР Ресен, постигната ефикасност од 44 отсто
Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, беше во работна посета на Ресен, каде што оствари средби со раководствата на ОВР Ресен и полициските станици за граничен надзор Маркова Нога и Стење во рамките на серијата посети што ги реализира во сите сектори во земјата како би се запознале одблиску со постигнатите резултати и секојдневните работни активности, но и со евентуалните проблеми во рамките на работниот процес.
Бојмацалиев потенцира дека со инвестирани 12.800.000 денари објектот на ОВР Ресен е дел од планот за квалитативно подобрување на условите за работа на полициските службеници, со што во континуитет се докажува дека концептот задоволна полиција безбедни граѓани носи високи резултати.
Од страна на раководството на ОВР Ресен, Бојмацалиев и Тасевски беа брифирани за постигнатите резултати на оваа организациска единица, при што таа беше оценета како поволна и без поголеми нарушувања на ЈРМ.
„Од вкупниот број регистрирани кривични дела во 2023 година, со непознат сторител пријавени се 25, односно 20 %. Од делата пријавени со непознат сторител расветлени се 11 кривични дела, со што е постигната ефикасност во расветлување од 44 % на годишно ниво“, информираше Бојмацалиев додавајќи дека во текот на извештајниот период е расветлено и едно дело од 2021 година.
