| |

Стефка Костадинова: Среќна сум за Магучих, човечките можности се неограничени

Мило ми е што светскиот рекорд во скок во височина за жени сега е 210 см. Бев сигурна дека тоа ќе се случи некогаш. Достигнувањето на Украинката Јарослава Магучих е историско не само поради тоа што го собори рекордот кој беше актуелен 37 години, туку и затоа што овие 210 сантиметри докажуваат дека човечките можности се неограничени и ги побиваат песимистите со нивните рани тврдења дека некои рекорди во атлетиката ќе бидат вечни. Ова го изјави претседателката на Бугарскиот олимписки комитет, Стефка Костадинова, откако нејзиниот светски рекорд стар 37 години во скок во височина го подобри Украинката Јарослава Магучих, јавува БГНЕС.

Магучих скокна 210 см во Париз, како дел од натпреварите во рамките на Дијамантската лига, со што го подобри достигнувањето на Костадинова од Светското првенство во Рим во 1987 година за 1 см.

“Пред еден месец во Рим бев меѓу функционерите кои ја наградија Магучич откако таа го освои европското злато. За време на церемонијата ја прегрнав и ѝ шепнав на уво дека е подготвена за светски рекорд. Дури се смеевме бидејќи ѝ кажав дека на Олимпијадата во Париз може да прескокне 207 см и еве го направи тоа, токму во Париз, но малку пред Олимпијадата. Уште еднаш ѝ посакувам нови победи и рекорди , но и јас продолжувам да верувам дека еден ден рекордот повторно ќе биде бугарски“, додаде Костадинова.

„Има одредена симболика во тоа што веста стигнува до мене во Рим, каде што сум во посета и каде пред 37 години ги прескокнав тие 209 см. Сега Магучих скокна 210 см во Париз, каде што можеби симболично започнуваат и Олимписките игри деновиве“, вели Костадинова.

Фото: БГНЕС

Слични Објави