| |

Криминалиите на комунистичката ДС против бугарскиот народ (1944-1989)

Веселин Ангелов

Во првата етапа од својот развој (1944–1948) ДС се гради по советски пример. Се врбуваат и шпионираат насекаде над 30.000 тајни соработници. Со нивна помош се осудени и ликвидирани преостанатите видни политички противници, се ликвидирани опозициските партии. Затворите и концентрационите логори се преполни со „народни непријатели“, чиј број кон крајот на 1948 година надминува 25.000 лица.
Особено разорни се ударите што ДС ги нанесува врз Бугарската православна црква преку доушници вплеткани во нејзините редови. Најбудните нејзини свештени лица се убиени, осудени или прогонети.
Со помош на новоформираната комунистичка Државна безбедност, над 300 Бугари се предадени на македонските власти и убиени само затоа што служеле во бугарската администрација во Вардарска Македонија во периодот 1941–1944 година.
Во овој период ДС нема право да ги следи единствено советските војници што ја окупирале земјата и службениците во советската амбасада. На крајот од 1948 година таа го бележи својот најголем „успех“ – речиси целосното „прегазување на класниот непријател“. Останувало само да се доуништат последните негови „остатоци“.

Основна задача во вториот период (1949–1955) е ликвидација на „скриените непријатели“, вклучително и оние со партиска книшка. Со тоа се ангажира советскиот воспитаник В’лко Червенков, кој продолжува да ја усовршува ДС по советски пример. За таа цел Сталин му испраќа цел полк „советници“ од КГБ предводени од генерал Филатов. Тоа е време кога во земјата беснее вториот, по димитровскиот, бран на неописливи злосторства против бугарштината и бугарскиот дух – в’лко-червенковскиот комунистички терор. За зачувување на неговата власт бдееле нови 20.000 тајни соработници, кои со своите дојави предизвикале многу непријатности на десетици илјади бугарски граѓани. Лагерите за превоспитување на „класни“ непријатели се зголемуваат. За поблагозвучно ги нарекуваат трудово-превоспитни установи (ТПУ). Во нив постојано се носат вагони со „непријатели“. И тука заслугата е на ДС. Се појавуваат и нов тип доушници – таканаречени „соќелијници“, внедрени во ќелиите по логорите и затворите. Најчесто за такви служеле обвинети комунисти и закоравени криминални типови.

Најмногу во вториот период од тајните соработници страдаат т. нар. кулаци – противниците на насилното кооперирање. Според признанието на тогашниот министер за внатрешни работи Г. Цанков, бројот на затворениците во логорите до 1956 година надминува 20.000 лица. Со помош на тајни соработници и со особена суровост се ликвидирани горјанските чети како форма на вооружен отпор против колективизацијата.

Систематското уништување на „класните непријатели“ преку користење на советскиот систем на тајни доушници не запира. Извршителите на серијата злосторства против бугарскиот народ не се изморуваат, ниту пак се заситуваат, па така бараат и наоѓаат „непријатели“ дури и во сопствените редови. По иронија на судбината, во канџите на комунистичката репресивна машина паѓаат и нејзините создавачи. Прв е Трајчо Костов – организаторот на масовните убиства непосредно по превратот од 9 септември 1944 година, на таканаречениот народен суд, на процесот против водачот на обединетата антикомунистичка опозиција во Бугарија Никола Петков, како и на многу други злосторнички активности.

ДС го истражувала Костов, исто како што порано по негови наредби го истражувала Н. Петков. Го мачат истите истражители, но со уште поголема садистичка жестокост.

Како резултат на борбата за власт меѓу различните крила во БКП, низ затвори и логори поминуваат 1050 „трајчокостовисти“. Виновна за тоа е нивната сопствена ДС и доушниците создадени токму од нив самите. И повторно, по иронија на судбината, меѓу репресираните од Червенковата ДС преовладуваат токму комунистите – извршители на злосторствата од 1944–1948 година.

Како „придонес“ на ДС од времето на Червенков треба да се спомнат и други нејзини дејствија, поврзани со два емиграциони бранови. Во периодот 1950–1951 година, со активно учество на ДС и нејзините информатори, во Турција се протерани 154.000 Турци кои не се согласувале со насилните комунистички методи на владеење и со процесот на кооперирање.

Втората масовна емиграција опфаќа стотици бугарски Евреи, кои по 1948 година заминуваат во новооснованата држава Израел. Познато е дека мнозина од нив бегаат за да се спасат од бугарскиот комунистички „рај“. Шокантен е начинот на кој ги „испраќа“ Државната безбедност. На комунистичкото Политбиро му се потребни долари, па преку тајните канали на ДС најбогатите Евреи се принудуваат да го „откупат“ своето емигрирање со долари и злато. Комунистичката партија така заработува милиони долари.

Третиот период од развојот на ДС (1956–1989) започнува со симнувањето на Червенков и доаѓањето на Тодор Живков на чело на партијата-држава за време на Априлскиот пленум во 1956 година. Но и тој не носи ништо добро за бугарскиот народ. Сè што Живков видел од своите претходници, тоа и го применува. Тој едноставно ја продолжува борбата против таканаречените недоубиени, „неискоренети остатоци на класниот непријател“. Започнува третиот, живковистички репресивен бран, повторно од истата, наводно „модернизирана“ ДС.

По кратката и лажна „априлска пролет“ доаѓа ред на „хулиганите“ и на какви ли не уште измислени нови и нови „непријатели“. Се обновуваат старите и се отвораат нови трудово-превоспитни установи (ТПУ).

Потресни се фактите за животот на затворениците во логорите кај Белене и Ловеч. Колку се убиените, и денес не се знае. Познати се само имињата на некои од убијците – Спасов, Газдов, Гогов, Р’жгeва, Цветков… Познато е само дека жртвите биле користени дури и како храна за свињи, дека скитници и диви кучиња ги откопувале труповите на мртвите. И какви ли не уште ужасни гнасотии.

Учениците на Димитров и Червенков ги надминуваат своите учители. По краткиот „одмор“ од Ловеч и Белене, доаѓа ред на нов масовен бран на насилства, во чие извршување повторно водечката улога ја има ДС и нејзината мрежа на доушници. Тие ја преплавуваат земјата за време на насилното преименување на Бугарите со исламска вероисповест во периодот 1971–1974 година и на Турците во 1984–1989 година.

За само неколку дена, на крајот на 1984 и почетокот на 1985 година, со активно учество на ДС, се сменети имињата на над 800.000 бугарски Турци. За да ги „смират“ оние кои се осмелиле да му се спротивстават на овој асимилаторски чин, повторно се обновува логорот Белене и се врбуваат стотици нови тајни соработници.

ДС од времето на Димитров и Червенков повторно оживува. Оживуваат и логорите, се преполнуваат затворите, се извршуваат бројни убиства. Сето тоа комунистичката врхушка го нарекува „възродителен процес“ — процес на „препородување“.

Но наместо „преродба“, во летото 1989 година се раѓа „големата екскурзија“. Од Бугарија заминуваат над 450.000 Турци – невиден емиграциски бран во најновата бугарска историја, бран што го предодредува крахот на комунистичката диктатура во оваа најизмачена земја од комунистичкиот блок.

Над 185.000 лица биле „затворени“. Повеќе од 25.000 убиени. Над 600.000 емигрирале до 1989 година, над 20.000 насилно раселени, над 600.000 следени и „објект на разработка“ како резултат на доноси. Непознат број малтретирани, раселени, обезверени, ограбени и обесчестени… За жал, тоа е само мал дел од билансот на 45-годишниот кошмар – резултат на дејствието на комунистичката Државна безбедност и нејзините политички доушници во Бугарија.

Еден од бројните концентрациони логори по 9 септември 1944 година се наоѓал крај селото Гиген, Никополско. Илјадници Бугари биле осудени на тешка физичка работа само поради еден единствен донос.

(Facebook статус на авторот)

Слични Објави