БОРИСОВ: БРЗАТА ИНТЕГРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ И НАТО Е ВО ИНТЕРЕС НА БУГАРИЈА И ГРЦИЈА
Колку побргу ја видиме Македонија во Европската унија и во НАТО, толку е подобро и за Бугарија и за Грција, рече бугарскиот премиер Бојко Борисов во неговиот говор на третиот самит во Солун, за перспективата и соработката на Западен Балкан.
Според Борисов нема подобро место од Европската унија. Тој истакна дека, ако се појави било каков проблем само НАТО и ЕУ можат да помогнат за неговото решавање. Како доказ за тоа Борисов ја истакна помошта за Грција за време на кризата што ја зафати земјата. Бугарскиот премиер во своето обраќање повторно ја поздрави храброста на двајцата премиери Заев и Ципрас кои го потпишаа Договорот во Преспа. Борисов не ја пропушти можноста и да се пофали самиот за постигнатиот договор за добрососедство со нашата земја.