| |

ГДУ: ДОБАР ДЕН (ЗАМЕНИК) ДИРЕКТОРЕ

„Граѓанско Демократската Унија е длабоко заинтересирана по кој клуч ќе се делат новите функционерски места? Дали за вработувањето пресудни ќе бидат само партиската и етничката припадност, или клучни ќе бидат роднинските врски?

Во последно време се зголеми трендот синчиња, ќеркички, браќа, сестри, внуци, братучеди и љубовници да се вработуваат под моќната капа на државата, па решивме да прашаме со време.

Дополнително, од каде ја најдовте потребата од Заменик- директор буквално во секое јавно претпријатие? Кое е тоа истражување, студија, анкета кое ви потврди дека има потреба од дополнителен цел кабинет во секое претпријатие?
Зарем не гледате дека јавните претпријатија мора да се преструктурираат за да опстанат на пазарот?!

Огромен дел од нив се со блокирани сметки и наталожени долгови, кои ни Господ не ви ги враќа. Дајте да ги одведеме право во стечај или во ликвидација. Нивниот буџет е подготвен за таква статусна промена.

Со салдо на сметки не НУЛА, туку длабок минус, ние уште им додаваме по принцип да видиме колку може да носи магарето. А што за ден-два ќе ни почине кутрото, никој не води есап сега. Важно е поентирањето- во вистински момент (предизборно) се купија гласови со нови работни места, се постигна политичкиот мир (во таборите), се намали стапката на невработеност.

Тоа што се зборуваше за зголемување на и онака гломазниот државен административен апарат, веќе се реализира. Се измисли уште по едно раководно место во секое јавно претпријатие во државата. Е сега Владата ќе си види мака да ги потполни истите. Ќе биде партиска, рововска битка за секоја позиција. Господ нека им е напомош.

Почитувани сограѓани, дали забележувате како и „патриотите“ и „предавниците“ во македонското Собрание делуваат сложно, кога одредениот закон ставен на гласање ги штити нивните ситни партиски интереси?! Функцијата Заменик-директор им одговара и на едните и другите, бидејќи се иста недомаќинска сорта. Логиката е повеќе од елементарна: Моментално СДСМ е на власт и ќе вработи партиски војници, заслужни за партијата, утре тркалото ќе се сврти и ДПМНЕ ќе го направи истото. На двете најголеми партии им треба напумпан административен апарат за да може да ги згрижува своите неспособни за правење на приватен бизнис кадри.

Тоа е жестоката вистина“, се вели во соопштението на Граѓанско Демократска Унија-ГДУ.



Слични Објави