| |

ПОПИС-ПОТРЕБА ИЛИ ХИР?

Според последните информации, двајцата коалициони партнери Заев и Ахмети постигнаа согласност за две работи. Една и поважна е дека конечно ќе има попис во нашата напатена земјичка. А друга исто важна е дека ќе ја има и графата за етничка припадност.
Е сега, би било смешно да не е трагично. Се радуваме на еден попис, на една обична статистичка операција на собирање на податоци за бројот и структурата на населението, на нешто што светот го гледа како нешто најнормално и најрутински. Се менуваат само начините на прибирање на податоците, се користи новата технологија, но пописот се спроведува, без било кој и да помисли да го снема.

Кај нас, поради поделеноста на наши и ваши, на нивни, на сечии и ничии, очигледно дека политиката влијае и на овој сегмент на нашиот живот. За нас, поделените на табори, не одговара да знаеме кои сме и што сме. Сакаме да сме во сивата зона, на неопределеното, ни на небо, ни на земја.

Граѓанско Демократска Унија како опција на сите граѓани, јасно и недвосмислено се залага за оддржување на пописот, со поставување на сите потребни прашања, во корист на науката. Голема е ползата од собраните статистички показатели, по разни основи и за разни прашања.

Доста ги користевме бројките од 2002. Време да се update-ираме како земја претендент за ЕУ. Па нели ќе бараме влез во ЕУ заедницата? А што ќе им кажеме? Она познатото-Нас и Кинезите заедно не има милијарда и пол?!
Ако сакаме нешто да бараме, како право или привилегија, прво мора да знаеме колку сме. Но проблемот што боли не е во етничката припадност. Политичката елита ни го одмавнува погледот од вистинската болка. Не е тоа дали сме Македонци, Албанци, Роми, Срби, Власи или други, туку е „белата куга“ изумирањето на нашата нација.

Простата и гола репродукција на населението, со овој намален степен на наталитет, а со огромна стапка на иселување на нашите роднини и пријатели не доведува до празна држава. Земја без население. Пространство што човекот веќе не го контролира, затоа што човекот се отсели во странство.

Дајте господа политичари истуркајте ја оваа работа до крај како што и наликува. Дај покажете еднаш политичка волја за нешто конструктивно, просперитетно. Почнете од најпростото, пребројте го населението. Дајте и дата-база на статистиката за да управува со другите науки. А после да се фатиме за работа сите ние. Со средување на избирачкиот список, со негово дефинитивно прочистување што секоја Влада го најавува, а нема капацитет и да го изврши. Ова за добро и на самите партии, да не бараат нереални цензуси, кои нивните поддржувачи никогаш не можат да ги реализираат.

Па потоа, измени во Избирачкиот законик од типот Македонија цела да е –една избирачка единица за сите. Имајте доблест како големи политички партии да им дадете можност на помалите да се натпреваруваат. А конечниот резултат секако ќе биде во корист на граѓаните. Па нели Голијат не се плаши од Давид?

И на крај кога ќе видиме дека бројката од 2.000.000 граѓани во Македонија ни е недостижна, веднаш да го намалиме бројот на пратеници во Собранието. Нема потреба бројот на население и бројот на пратеници да ни е во сооднос 1:1. Не спиеме на нафта, па само за нивните патни трошоци да работиме.

Ако навистина се луѓе на народот, наши избраници, наши повереници, и со бројот од 80 парламентарци ние ќе ја имаме заштитено демократијата како владеење на народот. Имавме пример кога ни 123 не ни помогнаа против Режимот, па не мора ни сега да ги имаме толку на број. Не секогаш значи повеќе е подобро.

Значи едно со едно е поврзано. Можеби тоа ги мачи нашите политичари со години, а не кои сме и какви сме. Тие податоци, со сето она скенирање на теренот од сите политички партии, сите владини и невладини организации, се веќе одамна собрани во некој извештај на некоја меѓународна организација. Само нам не ни се даваат.
Е сега Граѓанско Демократска Унија исправена пред предизвиците на нашето време, јавно повикува- Да се спроведе пописот, да се внесат податоците во базата и да започнат сите општествени постапки, кои долг низ години поради тоа беа под килим. Тоа им го должиме на нашите сограѓани-каде и да се!

Автор: Перица Спасовски, претседател на Граѓанско Демократска Унија-ГДУ- Куманово

Слични Објави