На мала врата
Facebook статус на Никица Корубин
Repetitio est mater studiorum, од дамнина велат дека повторувањето е мајка на знаењето, а ние сме големи љубители на дамнешните времиња, па да повториме:
“Советот е спремен да ја свика следната меѓувладина конференција без било какви понатамошни одложувања или дополнителна политичка одлука, кога Северна Македонија ќе ги имплементира заложбите и ќе ги комплетира уставните измени … Советот е спремен за отворање на првиот преговарачки кластер што е можно побрзо во согласност со преговарчакага рамка” (одлука на Советот на ЕУ, декември 2023).
Но, ова “знаење”, кое не само што не се повторува на дневна основа за јавноста да биде добро и правилно информирана, туку се крие во јавниот дискурс како најдобро чуваната тајна, и (не)вешто се фалсификува и трансформира во најразновидни манипулации (“француски предлог”, “бугарско вето”, бугарски диктат”) од страна на најповиканите: носителите на јавни функции, политичките аналитичари, медиумите и речиси сите носители, преносители и креатори на јавното мислење.
Класично доведување во заблуда “со умисла” на целата јавност. Затоа, што “лагата која е еднаш искажана останува лага, ама лагата која е илјада пати повторена станува вистина”, во гебелсовски манир, на суптилната пропаганда во која е претворен нашиот медиумски простор.
И со истата “суптилност” се продолжува, правопропорционално со растерувањето на маглата и соголувањето на пропагандната “вистина”. Па, кога сите изговори зошто Северна Македонија и после 2,5 години од усвоената преговарачка рамка и 1 година од одлуката на Советот на ЕУ, се уште не ја имплементирала сопствената обврска; “суптилно и директно” беа анулирани и (раз)откриени од сите до еден (без исклучок) меѓународни партнери; остана само крајниот “адут”: “ЕУ не’ ни треба”, во форма на меката варијанта “која е алтернативата” или тврдата варијанта “прекинување на ЕУ преговорите”.
И, ако меката варијанта, во јавниот дискурс доаѓа од “формалните” канали, опозициската СДСМ (да се свика парламентарна седница за да се дискутира кој е планот на власта); тврдата варијанта доаѓа од “спектарот на аналитичари” кои полека и “суптилно” го воведуваат во јавниот дискурс, незамисливото: прекин на преговорите со ЕУ. Формулирано како предупредување и опасност, но всушност намената е една: навикнување на јавноста на “алтернативата”. По горенаведениот принцип, “илјада пати повторената лага станува вистина”.
И ова избрзано “протнување на мала врата”, поради времето кое не им беше дадено, на класичен анти-ЕУ наратив, камуфлиран во “загриженост на опозицијата” од постапките на власта, во која само се заменија улогите од пред изборите на “јавно-тајно” одржување на оваа статус-кво ситуација на самоблокирани преговори; може да се мери само со “протнувањето на голема врата” на албанофобијата.
Повторно, синхронизирано, предводена од двоецот “македонска” власт-опозицијата, преку целосното одмолчување на нарушувањето на Охридскиот договор и едностраната реакција на осуда на “моноетничката т.н албанска академија” без притоа да се укаже на темелниот проблем: моноетничноста, иредентизмот и нефункционалноста на националната академија.
Тоа што владеачката ВЛЕН исто така, крајно популистички и невешто, и самите пробуваат на “мала врата” да протнат идеја, која на овој начин суштински ја партизираат и де-институционализираат, сведувајќи го академизмот и потребата од заеднички национален наратив, на локална контрола која тие ја имаат, и очигледно суштинско отсутство на влијание на национално ниво; им остава само простор на “македонската власт и опозиција” да се изјаснат за што се: за мултиетничко и мултикултурно општество по заедничка и уставна мерка или за општество по “македонска мерка”?
Одговорот што до сега го даваат, суптилно или директно, не само што е јасен, туку е и страшен. А, особено е страшна, неодговорноста од “играње со оган”, односно релативизирање наместо доследна и јасна одбрана на трите столба на кои почива функционалноста и функционалниот опстанок на државата (Охридскиот договор, Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија).
Кое, пак го покажува флагрантното незнаење (или негрижа) кое го демонстрираат за историските процеси кои ја довеле државата до она што е денес: членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ – “веднаш и без било какви понатамошни одложувања или дополнителна политичка одлука, кога Северна Македонија ќе ги имплементира заложбите и ќе ги комплетира уставните измени”.
И бидејќи оваа клучна реченица, за сегашноста и иднината на нас како општество, но и на нас како граѓани и индивидуални судбини, никогаш не сте ја слушнале во јавниот говор, од никого кој имал обврска да ја каже, заедно со обврската да ја реализира; го наметнува прашањето: а, зошто “на мала врата”, кога може “на голема врата” и со помпа да се каже вистинската намера, на нашата чудно обединета (македонска) партократија, со наменски и за “македонска” потреба албански партнер?
Или не може? И можеби во одговрот на ова прашање, се крие и одговорот, како воопшто дојдовме до тука, со ваков внимателно (с)криен “потенцијал”.
И додека “вратата е се уште” отворена, добро е секој да си ги преиспита позициите во однос на државата. “Картите се избиени”, “намерите се прочитани”, а контекстот е брутален. Никој и никогаш не го победил “духот на времето”. А, уште помалку правилата на историските текови. Repetitio est mater studiorum, учете додека можете, за да не повторуваме.

