Двесте милијарди евра ќе бидат достапни за развој на вештачката интелигенција во Европа и Бугарија треба да ја искористи можноста
Двесте милијарди евра ќе бидат достапни за развој на вештачката интелигенција во Европа и Бугарија треба максимално да ја искористи оваа можност. Ова го изјави премиерот Росен Жељазков во Париз, каде учествуваше на Самитот за вештачка интелигенција, соопшти владината прес-служба.
Средствата ги најави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, а тие ќе бидат собрани преку јавно-приватно партнерство и ќе можат да се користат на проектна основа. Премиерот Жељазков ги истакна достигнувањата на бугарската страна преку Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологија – INSAIT, кој е прв од ваков вид во Источна Европа.
Премиерот во Париз беше придружуван од научниот директор на Институтот, проф. Мартин Вечев, со цел да се запознае што поширок спектар на потенцијални партнери со сериозниот потенцијал на INSAIT, се наведува во соопштението. „Беше важно да се придонесе за развој на вештачката интелигенција со проектите што ги започнуваме на нашите билатерални средби“, истакна премиерот.
„Бугарија може да стане еден од лидерите во Европа во областа на вештачката интелигенција“, рече проф. Мартин Вечев. Тој истакна дека INSAIT и други бугарски организации поднеле проект во врска со иницијативата на Европската комисија за „Al фабрики“. Фабриките за вештачка интелигенција значително ќе ја зголемат компјутерската моќ достапна за развој на вештачката интелигенција во Европа. Тие ќе бидат меѓусебно поврзани и достапни за европските стартапи, индустријата и истражувачите од областа. Вечев истакна дека благодарение на INSAIT, Бугарија има огромна предност во однос на голем број други земји, бидејќи институтот и неговите истражувања се на светско ниво.
Според премиерот Росен Жељазков, во контекст на развојот на вештачката интелигенција, големиот разговор не е дали се плашиме или гледаме можности по оваа тема. Сега се работи за зголемување на конкурентноста“, посочи премиерот. Според него, не случајно на денешниот форум во Париз присуствуваат не само лидерите на земјите од ЕУ, туку и високи претставници од САД и Кина, а копретседавач на настанот е Индија. Учествуваат сите земји во кои развојот на вештачката интелигенција се повеќе станува неопходност.
Премиерот Жељазков го привлече вниманието и за регулативата, која е важна за вештачката интелигенција да биде безбедна и базирана на принципи. Енергетските прашања се поврзани и со развојот на вештачката интелигенција, бидејќи постојаното зголемување на компјутерската моќ бара поголема енергија, што значи и поголема енергетска поврзаност. „Тоа се исто така прашања поврзани со насочени инвестиции, бидејќи трката што се појавува меѓу Европската унија, меѓу САД и Кина, значи се повеќе и повеќе инвестиции во вештачката интелигенција. „Ние веруваме дека имаме свое место и ова место е докажано со проектите на INSAIT“, рече премиерот Жељазков.
Во рамки на Самитот за вештачка интелигенција во Париз, премиерот Росен Жељазков имаше кратка средба со американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс, на кого му посочи дека меѓу областите во кои можеме да соработуваме на подлабоко ниво се одбраната и новите технологии. Жељазков го наведе како пример бугарскиот институт INSAIT, кој развива голем број нови технологии за светски компании како Google, Amazon и многу други.
Фото: БТА
