| |

КРАЛЕВИ НА АДМИНИСТРАЦИЈАТА

За почеток, несебично и со задоволство, би сакал да истакнам дека сум горд и среќен што познавам колеги и пријатели кои што се вистински професионалци, со вештини и знаења кои значат многу добри дела за општеството. Но, колку што сум горд, толку сум и бескрајно загрижен и потиштен што бројот на овие кадри станува сѐ помал, а се зголемува оној на тие што ја напуштаат државата или веќе го сториле тоа за да си ја побараат иднината и опстанокот во друго општество.

Ама, пак, за да бидат очајот и безнадежноста уште поголеми, канцелариите или секторите на државната администрација, образовните установи или која било друга државна институција стануваат преполни со „вечни шефови“ или „партиски кралеви“. Ни помалку, ни повеќе, на сметка на нашите пари, со данокот кој го плаќаме сите ние.

И каде лежи апсурдот? Додека продуктивноста, резултатот и ефектот од работата на таквите канцеларии, сектори и служби станува сѐ помал или ништожен, токму тие места под свој кров го имаат истиот шеф 10, 15 или 18 години. И сѐ е во застој, чиниш времето застанало, па си се тешат дека залудно потрошеното време и не е така залудно потрошено. Си „творат“ во еден имагинарен свет во кој себеси се гледаат како големо добро за институцијата, да не речам и за државата.

Се присетив на една анегдота. Човек му се жали на пријателот дека не му врви работата во ресторанот … вели, пробал сè, ги сменил масите, столчињата, чиниите и филџаните, но сепак ништо. Па, тогаш пријателот му вели: А ги смени ли келнерите …? Излегува дека токму тие што работеле во ресторанот се оние што му го упропастувале бизнисот!

Е, тоа е маката и овде. Службениците кои влегле на работа млади, се надевам и со некаква доза на ентузијазам во себе, сега се оние што сносат многу голема одговорност. Ја зеле државата на врат. Прогрес чиста нула, а регрес колку што ти душа сака!

Кога велам држава мислам на нашите семејства, на нашите деца, на младите кои ја изгубиле надежта и имаат само еден сон: Да заминат! Не поминува ден да не слушнам дека скроиле план да си одат или, пак, живеат за мигот кога среќата ќе им се насмевне, па ќе се поздрават со лошото минато и сегашност и ќе работат на својата иднина на друго место.

А како да не заминат?! Во државата владее корупциска треска, чиниш колера која решила да ни уништи сé!

Си студирал, си вложувал во себе, си се надградувал на безброј начини, а дипломите ти се само потсетник на гордоста. А таму, во реалноста, или немаш работа, или твојот труд и знаење остануваат болно (не)вреднувани! И додека очајот владее, работните места остануваат ЗАФАТЕНИ од некои кои десетици години примаат плата без да знаат какво им е работното место, неретко и не го посетуваат, а камоли да поседат или да заседнат. Како во сценарио за гротескна видео – игра со “кралеви” крунисани од “нивното височество”. Ни помалку ни повеќе, од нивното височество ДУИ!

И голем дел од овие „кралеви“ во најголем дел од работното време се разонодуваат на Фејсбук, Инстаграм или на други социјални мрежи. Воспитувачки во градинки со групи на Вибер каде што се разменуваат фотографии, па за децата дел од секојдневното воспитување значи и сликање и учење за ‘емотиконите’ во виртуелниот простор. А времето за игра и вистинско учење сѐ повеќе се стеснува! Да не спомнувам за Домаќинските муабети, размената на трикови и магии за готвење, слабеење, набавка на авто-делови и половни возила и што ли уште не.

Луѓе драги, зарем вака ќе тропаме на вратата на Европа?! Со професионалци кои не ги примаат на работа и се принудуваат да бегаат во прва прилика и со аматери кои собирале гласови, па од партијата си обезбедиле статус на крал! А егото пораснало до небеса.

Сме почнале да ја играме “европската” политика, а менталитетот и однесувањето ни застанале во примитивното доба?!

ДУИ де факто е официјализирана монархија во оваа држава. Се чини дека во Владата се врежале имињата на големите монарси од Средниот век. Разликата е што овие, „наши кралеви” не сечат глави со меч, туку прогонуваат цели семејства, или ги утепуваат и оставаат без корка леб, а честа и достоинството им ги валкаат со кал. “Дуистичката монархија“ секој ден ги брка способните луѓе!

И што ни преостанува нам? Единственото што ни преостана е да ја смениме оваа монархија и деспотизам! Нивното време заврши. Доста игравме покер со нашите судбини.

Автор: Д-р Арбен Таравари, градоначалник на Општина Гостивар

Слични Објави