Бугарија ќе ја кандидира Долината на розите за листите на УНЕСКО и ФАО
Бугарија ќе поднесе кандидатура за впишување на Долината на розите во листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, како и барање за нејзина регистрација во Глобалниот земјоделски систем на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО).
Иницијативата е заеднички проект на Бугарската национална асоцијација „Етерични масла, парфимерија и козметика“, Министерството за земјоделство и храна и Општина Казанл’к. Таа беше претставена на средба-дискусија во Казанл’к со учество на институции, производители и преработувачи на рози.
Претседателката на асоцијацијата, Гергана Андреева, истакна дека целта е зачувување и промоција на Долината на розите како светско нематеријално културно и стопанско наследство. „Долината на розите ќе биде објектот што ќе биде внесен во регистрациската форма, со сите нејзини производи кои се во нејзиниот опфат“, изјави таа.
Градоначалничката на Казанл’к, Галина Стојанова, нагласи дека локалната заедница и произведувачите на рози се чувари на традицијата и изрази надеж дека иницијативата ќе го утврди производството на рози како национална вредност.
Во Бугарија се регистрирани околу 5.500 хектари насади со маслодајна роза, главно во општините Казанл’к, Павел Бања и Карлово. Околу 3.000 се производителите, а 78 се преработувачите на розово масло, со годишен капацитет над 15.000 тони розов цвет.

