| |

Бугарија може да одигра клучна улога во транспортното и енергетското поврзување во регионот, оценуваат поранешни американски дипломати

Бугарија има потенцијал да биде важен играч во транспортната и енергетската инфраструктура на Југоисточна Европа, изјави поранешниот помошник-државен секретар на САД, Џејмс О’Брајан, на форум организиран од Евроатлантскиот институт во Софија, јави БГНЕС.

Настанот беше посветен на војната во Украина, дезинформациските кампањи од Русија и Кина и иднината на клучните индустрии. Специјален гостин покрај О’Брајан беше и поранешниот специјален пратеник на САД Џејмс Рубин, кој предупреди дека „војната во Украина е далеку од завршена“ и дека „целата кариера на Путин зависи од војната“.

Рубин истакна дека „информациската војна“, предводена од Москва и Пекинг, е еден од најсериозните предизвици денес. Тој додаде дека е потребна координација меѓу ЕУ и САД, особено во однос на регулирањето на социјалните мрежи и воената индустрија.

О’Брајан нагласи дека квалитетот на животот на идните генерации ќе зависи од развојот на четири индустрии: вештачката интелигенција, медицината, енергетиката и дигиталните технологии – сектори во кои Бугарија веќе има квалитетни кадри, особено во ИТ-сферата.

Двајцата коментираа и за раздорот меѓу Доналд Трамп и Илон Маск. Рубин оцени дека несогласувањето би можело да има „стратешко влијание“, додека О’Брајан предупреди дека тоа може да го натера Маск да бара нови партнери надвор од САД.

Слични Објави