| |

Град Софиja формира младински волонтерски тим за брза реакција “SOfia HELPers”

Градската управа на Софија преку Дирекцијата за спорт и младински активности ја покренува иницијативата за формирање на младински волонтерски тимови за брза реакција под името “SOfia HELPers”. Целта е да се ангажираат млади луѓе подготвени да помагаат во различни области и во кризни ситуации.

Во анонимна анкета учествувале 803 млади лица на возраст од 15 до 29 години, кои ја изразиле својата подготвеност да се вклучат во различни форми на волонтерски активности. Тимовите кои ќе учествуваат во иницијативата ќе помагаат на постари лица, деца, млади и лица со попреченост, ќе се грижат за животни во засолништа или во опасност, ќе учествуваат во кампањи за вдомување на бездомни животни. Меѓу активностите се и акции за чистење, садење дрвја, цвеќиња и грмушки.

Младите волонтери изразиле подготвеност да помагаат и за време на културни и спортски настани, фестивали, како и при кризни ситуации поврзани со евакуација или со потраги по исчезнати лица.

Од Град Софиja информираат дека секој млад човек од 15 до 29 години кој сака да се приклучи, треба да испрати пополнета анкетна карта и изјава за согласност за обработка на лични податоци на електронската адреса: [email protected]. За лицата под 18 години потребна е и согласност од родител. Учесниците во “SOfia HELPers” ќе добиваат редовен билтен од Општината со информации за нови иницијативи и мисии во кои можат да се вклучат.



Слични Објави