| | |

Кочани меѓу политизирањето и одговорноста

Пишува: Атанас Величков

Во време кога Кочани не може да се соземе од тагата, кога е зацрнето и уништено за неколку генерации во перспектива, државниот врв, наместо да биде столб на поддршка, одлучи да го впери својот критички прст, кон оние кои протестираат за правда. Изјавите на премиерот Христијан Мицкоски и поддршката што ја доби од Владата, во кои се алудира дека реакциите на граѓаните се политички мотивирани, а изјавите на некои од родителите се „непримерни“ претставуваат длабоко политичко промашување. А тоа е проблем многу поголем од „тешката“ одлука што морал Мицкоски да ја донесе прифаќајки ја помошта од Бугарија во првите часови по трагедијата.

Будните и одговорни граѓани на Кочани не му дозволија на шокот да ги парализира. Тие се самоорганизираа за да им дадат поддршка на повредените, да им помогнат на погодените семејства. Тоа, колку и да не им се верува на најлојалните следбеници на Мицкоски никогаш не било и не е политички чин, туку одговор на едни луѓе, кои останаа присебни и решија да го дадат својот труд и знаење за да помогнат. Токму поради таа причина луѓето во неформалната организација „Support Kocani“ јасно се оградија од било каква политичка поврзаност и конотација на нивните активности. Оти во таа група ги има од сите идеологии, верувања и идеали. Сигурно има поголеми десничари од „идеологот“ Марјан Ѓорчев и поголеми левичари од „антидискриминаторката“ Весна Бендевска. Сигурно има и луѓе, кои немаат политичка определба, но тоа во случајот не е важно. Нивното делување, нивната работа е тоа што треба да биде во фокусот, а таа е достоинствена, трезвена и хуманитарна. Тие не сакаат и никој нема право да ги внесува во препукувањата меѓу политичките партии.

Она што премиерот го нарече „преоѓање во политичко движење“ се всушност гласовите на едни луѓе кои со години биле игнорирани. Гласови на луѓе кои се жртви не само на една страшна ноќ, туку на системска негрижа. Политизирањето на нивните изјави е обид да се задуши јавниот гнев и да се девалвира вистинската причина за револтот: хроничната неспособност на институциите. Тука никој не смее да биде амнистиран, ниту „државотворниот“ СДСМ, ниту „патриотската“ ВМРО-ДПМНЕ. Оваа власт на ДПМНЕ наместо да го посети Кочани и да се соочи со уништените луѓе, кои секоја сабота протестираат во „Маршот на ангелите“, деновиве се фали дека успеала да го потпечати „вековниот македонски идентитет“ во Брисел?!

Од семејствата на загинатите се очекува да молчат? Да ја проголтаат неправдата? Родителите кои го изгубиле најскапоценото – своето дете – имаат не само право, туку и должност да прашуваат, да бараат и да протестираат. Тоа не е политички акт! Нема ништо „политичко“ во солзите, болката и гневот што произлегуваат од оваа трагедија. Односот на премиерот Мицкоски и на Владата кон оние што бараат правда, ја покажува сериозната ерозија на демократското ткиво во нашето општество. Ако ова е начинот на кој државата реагира-тогаш проблемот не е во граѓаните, туку во така актуелните на моменти ешалони на власта. Од првиот до последниот!



Слични Објави