| |

Лепрозен! Тоа е печатот за секој од РС Македонија, кој е осомничен дека има врска со бугарското или Бугарија*

Facebook статус на проф. д-р Огњан Минчев

Македонското Министерство за надворешни работи го отпуштило од работа мојот студент Александар Панев – поради некакви ситни административни причини. Два месеца претходно му беше одземен сертификатот за користење класифицирани информации како дипломат, со образложение дека претставува „закана за националната безбедност“ на Македонија. Панев е уште еден од моите студенти од Македонија, чиишто кариера и професионален развој беа безмилосно скршени од македонската држава.

Имав студент којшто бранеше и докторат по политологија. Повеќе од 10 години никој во РС Македонија не му даде ни трошка шанса – никој не му укажа доверба да работи во која било институција – ниту државна, ниту приватна. Печатот „завршил универзитет во Бугарија“ е трајна пресуда за отфрлање на веќе големата заедница на млади и образовани Македонци – и од државата, и од општеството. Да студираш во Бугарија значи дека си „бугараш“ – личност што веќе 80 години може само да биде презирана, шетана по полициски станици, отпуштана од секоја работа, изолирана од секој јавен настап и стигматизирана. Лепрозен – тоа е печатот на секој за кого има сомнеж за каква било врска со Бугарија и бугарското… А камоли да завршил образование во Бугарија…

Гледајќи ја хистеричната упорност на владејачкиот режим во Скопје да не дозволи вклучување на Бугарите во Уставот, треба да сфатиме дека за голем дел од политичката елита, безбедносните служби и интелектуалната класа што го обслужува статус кво-то, секое признавање на врска меѓу Македонија и Бугарија е акт на срам, понижување и егзистенцијална закана за оној македонски идентитет што Белград го изгради по 1945 година – целосно на антибугарска основа.

Александар Панев е упорен предизвикувач на оваа ранлива, комплексирана и потисната потреба за негирање на бугарската врска на владејачката класа во РС Македонија. Александар не тврди дека е Бугарин, ниту бара како Бугарин да биде признаен од Уставот и законот – како што се признаени Србите, Албанците, Турците… Тој тврди нешто друго – многу поопасно за режимот и неговите господари во Белград: „Гледај ја Германија и Австрија“ – ми вели тој. „Еден етнос, една култура, разделени од историјата, живеат во две држави и имаат различна национална идентичност. Јас сум ‘Австриец’ – немам ништо заедничко со вашите ‘германски’ работи…“

Да се биде македонски патриот, да се прифаќа и утврдува денешната македонска идентичност и посебност, но истовремено да се носи свеста за наследената бугарска етничка, културна и историска припадност – тоа е мерката, рамнотежата, што може да го утврди заемното прифаќање, утврдување и соработка меѓу денешните бугарска и македонска нација. Тоа белградскиот еничарски ресурс во Македонија не може да го прифати – бидејќи би значело признавање на фалсификатот на сопствената идентичност низ изминатите 100 години. Тоа не можат да го прифатат ни „тешките националисти“ по кремалска линија во Бугарија, кои се борат за „обединување“ на Бугарија и Македонија.

Радикалните „националисти“ од двете страни на Деве Баир ја вршат истата работа – ги чуваат Ѕидот и Студената војна меѓу Бугарија и Македонија, за да не се оствари природниот баланс на разделување и единство, кој е реализиран – на овој или оној начин – во односите меѓу Грците и Кипарците, Романците и Молдавците, Германците и Австријците.

Како резултат на краткото затоплување на бугарско-македонските односи во периодот 2016–2019 година, Александар Панев беше назначен за прв секретар во македонската амбасада во Софија и работеше од 2018 до 2021 година. Направи многу: организираше враќање на македонски граѓани од целиот свет во Скопје преку Бугарија за време на ковид-пандемијата, создаде широка мрежа од бизнис-контакти и проекти, помогна во развојот на односите во академијата, културата, како и во обновувањето на природните човечки, роднински и професионални врски и заедници. Како да му го простат тоа!

Тој веќе 20 години работи како дипломат во МНР на Македонија и нема ниту едно унапредување од најниската дипломатска позиција. Иако неговите квалитети и огромната енергија очигледно помогнаа во надминувањето на ѕидот пред македонските универзитетски дипломци во Бугарија – да не бидат дозволени да развијат каква било кариера на македонска земја.

Љубопитен детаљ е што го прогонуваат и отпуштаат истите чиновници од ВМРО-Шумадија, кои до пред некоја година висеа како испрани чорапи пред една зграда на Пиротска во Софија…

Одземањето на сертификатот за класифицирани информации беше јасна и категорична пресуда – за Панев нема место во дипломатијата. Потоа реши да земе неплатен одмор и да ги почека судските процеси што ги покрена против оваа одлука. За да го оправда одморот – се запиша на магистерски студии по меѓународни односи на Софискиот универзитет. Очигледно, тоа веќе ја прелеа чашата и Панев беше отпуштен поради „прекршување на службената дисциплина“.

Овој случај – уништувањето на еден професионален дипломат поради горенаведените „престапи“ – е доволна причина да се состави сертификат за „подготвеноста“ на РС Македонија да стане членка на ЕУ. Во случајот на Александар Панев се огледува целиот грд систем на колонијална окупација на македонското општество и држава од страна на официјален Белград, за кого омразата и непријателството кон Бугарија е прашање на чест и идентитет, но и прашање на длабоки комплекси од сопствениот примитивизам и варварство.

Случајот Панев не само што го прави можна, туку и неопходна серијата прашања што треба да му бидат поставени на режимот во Скопје:

Под кои околности дипломатот Александар Панев се претвора во „закана за националната безбедност“ на РС Македонија, која е членка на НАТО и како таква има заедничка рамка за безбедност со другите земји-членки, вклучително и со Бугарија? Панев – колку што ми е познато – нема никакви институционални или други врски со бугарската држава, но дури и да станува збор само за неговиот пријателски однос кон Бугарија – со што тоа ја загрозува македонската „национална безбедност“? Колку Македонци што завршиле бугарски универзитети работат како вработени или експерти во македонските државни институции? Колку професори во веќе бројните македонски универзитети се дипломирани на бугарски високообразовни институции? Колку македонски дипломати се школувани во Бугарија, а колку во Србија? Колку Срби или претставници на други етнички заедници – Албанци, Турци, Бошњаци – се гонети од македонските судови за изразување на сопствен идентитет? И колку Бугари – или „Австријци“, луѓе со македонски идентитет што ги признаваат своите бугарски корени?

Нека никој не се лути на Бугарија што поставува услови за европското членство на Скопје. Во ЕУ ние сме партнерски, пријателски држави што ги обединуваат своите интереси и перспективи за иднината. Никој не е должен да гласа за нова земја-членка чиишто државно-политички идентитет е изграден целосно на антибугарска основа.

ЕУ не е простор за националистички битки и подметнати лушпи од лубеница. Затоа, пред влез во ЕУ, постои едно важно правило – да се помириш со соседите. Сите го направивме тоа – на еден или друг начин. Романија, Унгарија (пред Орбан), Хрватска, Словенија… Кога и Скопје и Белград ќе го направат тоа – нека повелат!

*Насловот е на редакцијата



Слични Објави