| |

Началниците на одбраната на Бугарија, Романија и Турција разговараа за јакнење на соработката во Црноморскиот регион

На 2 јули во Софија, по покана на началникот на одбраната на Бугарија, адмирал Емил Ефтимов, се одржа трилатерална средба со учество на началниците на одбраната на Романија и Турција – генерал Георгица Влад и генерал Метин Ѓурак, јавува БГНЕС.

Во рамките на состанокот беше направен преглед на безбедносната ситуација во Црноморскиот регион, при што трите држави се согласија дека е неопходно да бидат будни, адаптивни и силно фокусирани на координација на заедничките активности во подрачјето.

Началниците на одбраната ја нагласија важноста од засилување на одбранбената соработка со цел зајакнување на регионалната стабилност и безбедност.

За време на тристраните дискусии беа разгледани повеќе иницијативи и заеднички активности во поморската област. Посебно беше истакната високата оценка за работата на Противминската група во Црно Море, која придонесува за безбедноста на морскиот сообраќај и заштитата од потенцијални закани.

Дополнително, беа дискутирани и други области од заеднички интерес, насочени кон продлабочување и развој на воената соработка меѓу трите пријателски и сојузнички држави.

Началниците на одбраната на Бугарија, Романија и Турција ја потврдија својата решеност да продолжат со заедничка работа и да го зајакнуваат трилатералното партнерство, со цел да обезбедат стабилност и безбедност во регионот на Црното Море.

Слични Објави