ЗАТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ – ПОЛИТИЧКА КОРУПЦИЈА

//

Поимот Заробена Држава од претходната власт на ДПМНЕ најмногу го почувствуваа сопствениците на фирмите во Македонија, зошто тогаш можеа да работат само фирмите кои одработуваа за лидерите на власт – Грујо и Ахмети, додека сите други беа под огромен притисок на државните институции, кои беа злоупотребувани од лидерите и нивните послушници во државната хиерархија – од министри до шефови на одделенија во институциите. Секој што не соработуваше со партиите на власт ДПМНЕ и ДУИ беше можна цел за удар од партизираните институции: инспекциите, полицијата, судовите и др, а посебно беа на удар оние кои отворено и јавно се спротивставуваа и укажуваа на криминалите на власта. Сега е јасно дека ова беше резултат на затворените изборни листи, и нa заробувањето на државата благодарение на таквите изборни листи.

Старите паметни рекле: Ако сакаш да дојдеш до вистината – следи го патот на парите! Овој процес на политичка корупција, при кој сопствениците на компаниите кои перат пари со власта можеа да се богатат а оние кои не сакаат да перат пари со власта – да пропаѓаат, е започнат од многу порано, уште кога премиер стана Црвенковски, и тоа само затоа што изборниот систем со затворени листи го овозможува тоа! Уште тогаш сопствениците на фирмите кои переа пари за СДСМ енормно се збогатуваа, а институциите контролирани од лидерот Црвенковски се правеа слепи и глуви за нив. До денес за Црвенковски зборуваат дека е голем политички мангуп – затоа што го измисли системот на политичка корупција со злоупотреба на ИЗБОРНАТА МОЌ од затворените изборни листи, и затоа што законски и неказнето испра големи пари од државниот буџет. Од ДПМНЕ ова го гледаа и како опозиција реагираа, како порачани им дојдоа аферите ТАТ, приватизација, шверц на тутун и нафта и други кои системот на перење пари со помош на затворените изборни листи ги овозможува, но кога дојдоа на власт – овој систем на перење пари само го надградија и проширија – до ненормални мафијашки размери! Се беше согласно закон и Устав, и приватизацијата и тендерите, затворените листи овозможуваа со помош на институциите да се префрли капиталот од сопствениците блиски до СДСМ кај сопствениците блиски до ДПМНЕ – но со огромни провизии и рекет за ДПМНЕ, па затоа не е чудно што ДПМНЕ брзо стана најбогата партија во Европа! Огромни пари се украдоа и државата се презадолжи, државната администрација се преполни со партиски луѓе од ДПМНЕ – само затоа што затворените листи тоа го овозможуваа, а лидерите немаа милост и грев за својот народ и држава – која дојде пред колапс.

Со помош на меѓународната заедница Заев дојде на власт, под нејзин притисок почна да прави реформи и да ја приближува Македонија до НАТО и ЕУ, но дали нешто се промени во владеењето со државата? Не – затоа што остана истиот изборен модел со затворени листи, целата ИЗБОРНА МОЌ сѐ уште е во рацете на лидерите – Заев и Ахмети, па сега повторно тендерите ги добиваат нивните партиски и семејни сопственици на фирми, и пак се префрла капиталот, сега од ДПМНЕ во СДСМ. Најважните луѓе во државниот систем – пратениците пак се само машинерија за гласање на лидерите, нема борба на мислења и идеи, нема почитување на меѓународни стандарди, и главна задача на пратениците е да манипулираат со емоциите на граѓаните – да кажуваат колку другите се поголеми криминалци од нив, повеќе лоши работи направија од нив итн, надевајќи се дека граѓаните на избори ќе гласаат против другата партија, која, нели, е поцрна од нив, и не дозволувајќи да се воведат отворени изборни листи со кои граѓаните веќе нема од инает да гласаат против другата партија – туку ќе гласаат за програмата на кандидатите кои им се допаѓаат и на кои им веруваат, и од кои ќе можат да бараат отчет за сработеното.

Ова значи дека отворените изборни листи се смрт за политичката корупција, и дека со нивното воведување политичката корупција едноставно ќе исчезне, веќе нема да има местење на тендери и перење на државните пари затоа што контролата од јавноста и државните институции ќе го открие тоа и медиумите и јавноста тоа ќе го дознаат – а тоа ќе значи итни оставки на одговорните функционери. Затоа во државите со отворени изборни листи сега се случува нешто што е нормално, а за нас несфатливо – за мала злоупотреба на државните пари, како да речеме купување на подарок на сопругата од службената картичка, да даваат оставка министри и други функционери само затоа што таа информација излегла во јавност преку медиумите, зошто ако тоа не го направат владејачката партија може да ја загуби најважната вредност – ДОВЕРБАТА ОД ГРАЃАНИТЕ, а со тоа и следните избори. Заради отворените изборни листи таму не е најважно што мислат лидерите на пратиите – туку граѓаните! Затоа политичарите во тие земји толку се трудат да покажат ПОЧИТ кон граѓаните и да им даваат отчет за секој нивен потрошен денар, дали е потрошен најдобро и најекономично, за да ја стекнат и задржат нивната ДОВЕРБА ! Не дека тие политичари се подобри луѓе од нашите, целата ситуација ја диктира системот по кој функционира државата – со отворени изборни листи. Западаците кај нас стануваат уште полоши од нас во перењето пари, зошто сфаќаат дека овде нема контрола и нема потреба од почит и отчетност кон граѓаните, не е важно нивното мислење туку мислењето и волјата на лидерите зошто ИЗБОРНАТА МОЌ за изборните листи е во нивните раце, а преку тоа и моќта во целата држава. И обратно, нашите граѓани во таквите средени држави стануваат уште полојални кон државата, пред се од страв од контролата, да не бидат казнети и протерани, а потоа и од благодарност зошто ги примиле и ги спасиле од ова зло во Македонија кое е сега на сила– затворените изборни листи!



Затоа сега политичарите во Македонија се борат да влезат во политиката – за да преземат дел од ИЗБОРНАТА МОЌ од лидерот, за да можат тие надолу во хиерархијата да одлучуваат кој ќе биде вработен или отпуштен, кој унапреден, и да можат таа изборна моќ добро да ја наплатат преку политичката корупција. Затоа и ДПМНЕ не сака ни да разговара за промена на изборниот закон и за воведување на отворени изборни листи, ДУИ јавно кажува дека е против, а СДСМ јавно кажува дека е за – но од позадина ги поттикнува ДПМНЕ и ДУИ да се против ова, и јавно бара консензус за решавање на ова прашање. Ова само значи дека е созреано време во Македонија да дојде на политичката сцена трета опција, различна од наведените, која на следните парламентарни избори ќе го понуди како приоритет – итното воведување на отворени изборни листи, и за која опција граѓаните треба масовно да гласаат од најпатриотски причини – за спас на државата и за благосостојбата на нивните најмили во Македонија, а не во странство. А се е така едноставно да се направи, не треба да се измислува топла вода, во ЕУ е веќе се измислено и само треба да се преведе и примени. Единствена пречка се политичките злосторници, мафијаши и душмани на македонските граѓани од највисокиот политички и државен врв, кои се навлечени на државниот буџет преку системот на затворени изборни листи. Буџетот и парите се единствена причина заради која тие се во политиката – никако големите патриотски идеи за одбрана на државата и доброто на граѓаните. За нивно решавање и спасување од нив потребен е само еден мал, но историски чекор – воведување на отворени изборни листи!

Ако сакаат актуелните политичари да си го продолжат својот политички живот треба да ги воведат отворените листи веднаш, но толку паметни не се, да не се лажеме, страста и пожудата за парите и изборната моќ им го заматила умот неповратно, а и затворените изборни листи, со од нив контролираното судство и институции, им се единствениот спас да не завршат во долгогодишен затвор заради огромните криминали за кои знаат дека веќе им се документирани. Затоа реално треба да се направи што поголема кампања за објаснување на злото со затворените и за спасот од него со отворените изборни листи, па на следните парламентарни избори убедливо да победи политичката опција за отворени изборни листи. Тоа е нашата најголема и света граѓанска долност, и обврска за идните генерации !

Автор: Елизабета Најдоска Величкова

Претходна статија

ЗАЕВ: ЈАС И ЦРВЕНКОВСКИ БЕВМЕ НАЈПРИСЛУШКУВАНИ

Следна статија

ВИДЕО: ШО ПРАЕШ? ЕВЕ ГО ШЕТАМ МАЛИОТ…

Најново од Истакнато

Нова албанофобија

Пишува: Никица Корубин За време на одморот од “одбраната на идентитетот” од Бугарите, формата се одржува