Колозова- „чистата Македонка“

//

Пишува: Владимир Перев

Со Колозова и нејзиното друштво се запознав некаде кон крајот на деведесетите години, во тогашното елитно скопско бистро “Медиум“, кафанче во центарот на Скопје, во кое се собираше скопската интелектуална елита. Тоа беше друштво без бизнисмени-доаѓаа актери, музичари, балерини, фоторепортери и други луѓе од тој свет, од сите наши соседни држави а и пошироко. Во долгите, понекогаш целоноќни седенки исполнети со чад од цигари и мириси на алкохол, Кате Колозова и нејзината сестра беа редовни гости, заедно со неодминливиот Џабир Дерала, Владе Милчин и сопругата Ема, како и цел еден вмровски и сдсмовски антураж. Тогаш ја запознав. Георги Колозов го знаев од порано, од Телевизијата, но не бевме особено блиски…со Владе Милчин се знаев одлично, а со Џабир имавме поминато многу заеднички ноќи…Силва, газдарицата на кафеаната беше пријателка со сите нас, таа беше најпозитивниот човек што некогаш воопшто сум го сретнал, таква остана и до денес. Не е на одмет да кажам дека во таа кафеана една година како келнер и шанкер работеше и мојот син, после една негова единствена “образовна катастрофа“! Тоа беше “милјето“ на еден дел од скопската ноќна шема, мислам, надобриот дел без задршка.

Катето беше фактор во фондацијата “Сорос“ а тоа се гледаше од внимателниот став на Владе Милчин кон неа. Се говореше дека Владе ги прифаќа сите нејзини проекти без поговор, а таа повремено, во негово отсуство знаеше да каже дека “Владе е сентиментално поврзан со Бугарија“. Јас, како што ме дал Господ, еднаш тоа му го кажав на Милчин со мојот вообичаено ироничен тон, а тој само кисело се насмевна и одмавна со раката. Ние добро се знаевме, заедно бевме на Конвенција на МПО во Вашингтон. Таму Милчин одржа еден прекрасен, додуша македонистички говор, но култивирано формулиран и подносливо прифатлив.

Некаде во тоа време, во недефиниран ден попладне, на телефон ми се јави Евгени Еков, за кого не можам да се сетам која функција ја обавуваше тогаш. Иначе тој е новинар, дипломат во Молдова, сегашен функционер во Државните архиви на Бугарија и најважното, долгогодишен сопредседател на ВМРО БНД, заедно со Красимира Каракачанов. Ме покани на вечера и разговор во кафеаната “Теферич“, надвор од Скопје, на падините на Водно. Тоа беше кафеана со музика, добро јадење и пиење, свратилиште на шофери на камиони и други слични персони. Нормално, прифатив и отидов. Бевме десетина луѓе, сите се познававме, масата беше поставена, а главниот гостин, за кого јас воопшто не се изненадив, беше Георги Колозов. Се гледаше дека беа големи пријатели со Еков, а се испостави и дека Колозов е пријател и со Каракачанов. Впрочем, одамна се знаеше дека во фанариотското-егзархиско Богданци, од каде се Колозови, тие припаѓаат на егзархиското крило и воопшто, сите знаат дека се на страната на бугарската кауза. За нас беше јавна тајна дека Колозов имал проблеми со службата за Државна безбедност, а и до денес се знае кој бил оној негов “колега“, кој УДБ-та ја хранел со сведенија против него. Тоа беше мојата единствена приватна средба со Георги Колозов, на “Теферич“ и под менторството на Еков и којзнае уште кои други институции. Да не заборавам, до денешен ден никој не доставил информации за таа средба и што се разговарало, барем не пред македонските органи.

Поминаа години, Колозов почина, за еден ден изненада да ми се јави Катерина Колозова и да побара од мене содејствие за да извади бугарски пасош. Се сретнавме. Ми објасни дека “на семејни начела“ живее со некаков германец кој пак, наместо во Германија ќивее во Египет и се бави со нуркање за истражувачки цели во Црвеното море. Со германецот има дете, но немаат никаков пасош освен македонски и дека и на двајцата им треба бугарски пасош за да може детето да се види со таткото, кој меѓу другото, е чесен човек и коректен родител…само не сака да се жени. Се повика и на врските на нејзиниот татко и целото му семејство “со бугарите“, барајќи некаква привилегија за брза постапка. Првично и објаснив дека јас со такви работи не се занимавам, не ја знам постапката и не ме интересира, дека тоа е работа на “паспортната мафија“, но ќе ја запознаам со еден мој пријател, сега веќе покојниот Бојан Смилев кој коректно и за мал надомест ги врши тие работи. На нејзината зачуденост како тоа јас не знам, а сум извадил пасош и кажав дека пасошот го извадив во времето кога функционери во ДАБЧ беа Спас Ташев и мојот (и тој сега покоен) пријател Емил Александров и дека работата ја завршив со минимални напрегања и финансиски разноски. Ѝ дадов број на Бојан Смилев, му се јавив да биде внимателен, и со тоа заврши мојата обврска.

Потоа Бојан ми кажа дека ја почнал постапката за неа и сестра ѝ, чесно си платиле и работата тече. Подоцна Колозова ми се јави барем уште два пати, да интервенирам за побрза постапка, но јас никогаш не сум бил во возможност да ги вршам тие работи. Додуша мислам дека интервенирав кај мој пријател во ДАБЧ, ама не знам за резултатот. До денешен ден не знам дали работата воопшто се завршила…Бојан почина и немам повратна информација.



Времето го растури старото друштво. Сорос ги намали парите, со Милчин и со Џабир се среќававме во “Менада“ каде Силва пак ја држеше кафеаната, а Колозова изчезна од хоризонтот во моментот кога секнаа парите од Милчин. Сумите за проекти што и ги даваше Владе се намалија а тоа не и беше доволно. Та не се дружеше повече со него, во мегувреме нашла друга цицка за молзење! Колку за илустрација, Милчин и мене ми има дадено 200 (двесте) долари за проект заедно со Тања Битољану и ние за таа сума сме му благодарни…тоа била неговата проценка за нашата вредност, а колкава била вредноста на Колозова, тоа може да се види од документацијата на Фондацијата!

Денес веќе не се сретнуваме. Владе Милчин седи дома, чита и режира. Јас и Џабир пишуваме глупости по порталите, водиме битки одамна изгубени, свесни дека тоа не зависи од нас, туку од стапицата во која се најдовме…барем да има ниво сето тоа. Повремено, но ретко, се среќавам со Силва и нејзиниот сопруг, седнуваме на чашка-муабет, но тоа е малку како замена за изгубените помлади години.

Не ја разбирам Колозова и нејзините навреди кон мене и некои други, навреди на фрустрирана и осакатена жена. Не е убаво да се говори за некој дека е нечиј агент, ако тоа нема никаква врска со тебе. Да прашам, коректно ли е да кажам дека нејзиниот невенчан сопруг не е нуркач во Црвеното море, туку агент на БНД испратен на работа на Блиски исток…или да кажам дека не сакал да ја венча затоа што не ја поминала “безбедносната проверка“ кај него…треба да се воздржуваме од вакви беневолентности, сепак се работи за човечки судбини.

Никој од нас не може да побегне од себе си, од своето лично и семејно минато. Семејната историја се враќа како бумеранг, затоа да не дозволиме семејните трагедии да ги плаќаат новите генерации. Близината со која говореа Георги Колозов и Евгени Еков на онаа пријателска вечера на “Теферич“, кажува дека човек навистина може да биде “чист“ македонец а да ја задржи сета доблест и достоинство на своите предци.



Претходна статија

(ВИДЕО) Протести пред Собранието во Бугарија поради новите рестриктивни ковид мерки

Следна статија

Зошто треба да влеземе во Уставот?

Најново од Истакнато