ПАУЛИ ТАПИО ОД ФИНСКА Е ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „МОСТОВИ НА СТРУГА“ ЗА 2018

Наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитанска книга која ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО, годинава ќе му биде доделена на финскиот поет Паули Тапио за книгата „Врапчињата и времето“ (Varpuset ja aika) …

Ова е одлуката на Управиот одбор на НУМ „Струшки вечери на поезијата“ – Струга, кој во конкуренција на 23 книги од 13 земји, одлучи наградата да му ја додели на финскиот поет за неговата дебитантска книга поезија објавена во 2017 година. Истата година книгата ја добила престижната награда „Хелсингин Саномат“, која што се доделува за најдобра дебитантска книга проза или поезија за таа година.

Во својата поезија, Тапио особено се занимава со ритмите во финскиот јазик. Исто така заинтерсиран е и за формалните и стилски конвенции од различни поетски традиции и сака застарените форми и ограничувања да ги прилагоди во современите контексти задржувајќи ја врската со иновативната современа поезија на својот мајчин јазик и на другите јазици. Тематски, неговата прва збирка ја истражува судбината на модерната индивидуалност фатена во грчот од светската историја и светските политики.

Паули Тапио е роден во 1986 година во северниот фински град Оулу. Во детството неговото семејство неколку години живеело во странство, во САД, во Чехословачка и Обединетото Кралство. Потоа живеел во Хелсинки, Финска и Санкт Петербург, Русија. Студирал финска книжевност и руски јазик на Хелсиншкиот универзитет и работи како книжевен критичар, организатор на настани и преведувач.

Тапио превел неколку книги од руски јазик меѓу кои и Сергеи Довлатов и Светлана Алексиевич, како и поезија од млади руски поети. Моментално работи на Хелсиншкиотуниверзитет каде што предава и спроведува истражувања за својот докторат за формирањето на слободниот стих во модернистичката финска поезија.

Наградената книга ќе биде објавена во тројазично издание (фински, македонски и англиски јазик). Истата ќе биде претставена за време на овогодишното издание на фестивалот (22–27 август), кога на авторот ќе му биде врачена наградата.

Слични Објави