| |

Енергетскиот сектор во Република Македонија (2)

Моето мислење за разлика од многу експерти во државата е дека ние како држава мораме да имаме базна, основна енергија која е многу важна за развој на економскиот сектор, стабилен извор на електрична енергија кој ќе дава можност за развој на индустријата, привлекување на странски и домашни инвестиции, редовно снабдување на потрошувачите во домаќинствата и малото стопанство. Единствена таква можност беа електраните во РЕК Битола кои работаат на јаглен а јагленот е она гориво кое го имавме го имаме и можеме да го експлоатираме за разлика од другите енергенси како гасот кои треба да се купуваат и со кои стануваме зависни од повеќе фактори.  Првиот фактор кој многу брзо излезе на видело е геостратешкиот и политичкиот интерес на големите сили, кои преку гасот ја водат војната на интересни сфери во кои треба и ние да се вклучиме. Било што да прифатиме една од страните е незадоволна и многу едноставно гасот може и да не го добиеме. Ја гледаме ситуацијата со Русија и нивниот гас за Европа кој треба да поминува преку Украина, за миг од најбезбеден да стане најнебезбеден или едноставно да се исклучи добавката на гас и со тоа Европа доаѓа во тешка состојба во никаквите временски услови. Другиот пат е преку Средниот Исток каде нон стоп се водат војни, секој против секого, од час во час гасоводите преминуваат во владение од една на друга страна, така да тука безбедност и константно снабдување нема. За мене јагленот, како што јас го викам „неговата висост“, кој ја задржа оваа наша кревка држава уште во самиот старт од нејзиното постоење, барем од енергетски аспект да биде безбедна,требаше во овие години да отвориме барем уште еден ако не и два рудника кои би го снабдувале РЕК Битола со јаглен, затоа што предупредувањата дека јаглените во рудник Суводол се при крај, а тој беше единствениот снабдувач на термоелектраните во РЕК Битола. Во меѓувреме се отвори уште еден површински коп рудник Брод Гнеотино но со ограничен капацитет и производство од 2 мил Т годишно, што е доволно за работа на еден блок од ТЕ РЕК Битола. Во меѓувреме се вршени испитувања на две наоѓалишта кои можат да донесат јаглени и тоа познатото во рудник Живојно кој и многу одамна работел, за време на Првата светска војна, и вториот во Мариово со доста квалитетен јаглен. Сега некој ќе каже дека јагленот како гориво во Европската Унија се помалку се користи скоро и да се забранува, но тоа беше се до оној момент кога се случи нуклеарната катастрофа во Фукушима, Јапонија, што го запали црвеното светло и повторно ги активира многу затворени рудници во Полска, Германија, Чешка. Тоа е вистината за нас и светот. Тоа што во моментот се инсистира на зелена енергија од обновливи извори како што е соларната енергија, енергијата од ветер и малите хидроелектрани сето тоа е многу малку и не може да ги задоволи основните потреби за стопанството и граѓаните. Во моментот трендот на ваквата експлоатација и производство е зголемен со тоа што купувањето на таа енергија е субвенционирана и цената е за три пати поскапа од онаа што ја добиваме со јагленот. Оваа зелена енергија има и дополнителни трошоци да се трансформира од еден во друг вид за да може да се експлоатира. Нашето богатство со многу хидро енергија е далеку под нивото за да можеме да го постигнеме посакуваниот ефект, ветерот во Западна Европа има голем процент учество, но да не заборавиме тие ветерници се поставени покрај океани, каде ветерот е константен и со голем интензитет, а кај нас по испитувањата за исплатливост го има на две, три места, со интензитет не така голем за големо производство. Соларната енергија со субвенционирана цена можеби во овој момент е најисплатлива и за граѓаните кои би требало да ја користат за домашните потреби(загревање, осветление и топла вода). Строгите правила на Европската Унија бараат овој % од зелена енергија да достигне 20 % од вкупната количина на ЕЕ. Секоја година се намалуваат процентите за еколошката чистина на издувните гасови на емисијата и имисијата од термоелектранитена, на ПМ честичките, на сулфур диоксидот, на јаглен диоксидот и моноксидот, така да со евентуалното  влегување во Европска Унија можеби сите постројки да бидат прогласени за нефункционални, без соодветна инвестиција и поставување на прочистувачи и филтри кои чинат доста средства за овие наши веќе изодени блокови во ТЕ РЕК Битола. Но овие се технолошките параметри за кои можеме да говориме и спориме дали и кога можеме да ги исполниме европските и светски критериуми за чистота на животната средина и сѐ што е поврзано со тој дел.

Но кога говориме за евентуалната приватизацијаби изнел еден мој став кој го кажував и многу одмана некаде во 2005 година. Еве како тогаш звучеше:

Дали државата треба да биде сопственик или не и колку фирмите што се во државна сопственост можат да бидат успешни е прашање за кое и ден-денес, барем онолку колку што јас знам, има различни мислења во економската теарија. Неокласичната економска теорија тврди дека вистинската одлука е почитувањето на механизмот на пазарот и факторот конкурентност па според тоа претпријатијата кои се во приватна сопственост во однос на „државните“ се многу поуспешни. Затоа според оваа теорија државата може да има само улога на регулатор, а не да биде и сопственик. За разлика од оваа, Кензијанската теорија на државата како сопственик и дава многу позначајна улога, посебно кога државата се јавува како целосен или доминантен сопственик во претпријатија кои имаат специфична положба. На пример електростопанство, железница и други. Неодамна двајца италијански економисти (Мара Фачо и Бернардо Бартолоти) ја истражуваа ефикасноста во 144 претпријатија во ОЕЦД кои се во доминантна сопственост на државата. Нивните емпириски истражувања покажуваат дека претпријатијата кои се државна сопственост не се ништо помалку успешни од оние кои се во целост приватни. Ова е посебно важно, како што тврди словенечкиот економист д-р Душан Мрамор за мали држави како што се на пример, Словенија и Македонија, според него, претпријатијата во државна сопственост треба грубо да се поделат во три групи. Во првата група се претпријатијатаза кои би било добро во целост да се во приватна сопственост. Во втората група се претпријатијата (кои заради релативно мала големина на државата имаат монополистичка положба), кои треба да останат во државна сопственост се додека не се надмине нивната монополистичка положба. За да сум појасен ќе го наведам примерот со Телеком. Владата го продаде доминантниот пакет на сопственост, но во купопродажниот договор јасно е запишано дека државата во одреден период ќе создаде услови за укинување на монополот на Македонски Телеком, ова со големо закаснување од наредната влада на СДСМ сепак се реализира со нови оператори по периодот на монополот во кои граѓаните сериозно беа оштетени во однос на наплата на услугите од користењето на услугите на Телеком. Во третата група се претпријатијатаза кои заради своето специфично дејствување и значење за целата држава и граѓаните, треба да останат во државна сопственост или државата да биде доминантен сопственик. На пример во Словенија, за која сите ние велиме дека треба да ни биде пример, телекомуникациите беа во државна сопственост, железницата исто така и електростопанството, да потсетам во времето кога се актуелизира продажбата на АД ЕСМ, 2004 година, како најсериозен купувач се појави ЧЕЗ. Но притоа некако страмежливо се скри фактот дека и тоа е во сопственост од 75%  на државата Чешка.

Продолжува…

Автор:  м-р Спиро Мавровски

 

 



Слични Објави