Еврогрупата го потврди девизниот курс: едно евро – 1,95583 лева
Меѓународната улога на еврото е одраз на силата на економијата на еврозоната, а еврозоната сè уште се шири. Минатиот месец објавив добри вести за прифаќањето на еврото од страна на Бугарија. Денес го продолживме процесот за тоа да стане реалност, потврдувајќи го курсот на левот спрема еврото, кој конечно ќе го утврди Советот на ЕУ за економски и финансиски прашања (ЕКОФИН), изјави претседателот на Еврогрупата, Паскал Донахју, на прес-конференција по состанокот на министрите за финансии на еврозоната во Брисел.
Денеска, Европскиот парламент во Стразбур и Советот за економски и финансиски прашања во Брисел треба да ја донесат конечната одлука за приклучувањето на Бугарија кон еврозоната од 1 јануари, јавува БГНЕС.
Единствената европска валута ќе биде воведена на 1 јануари 2026 година. Со овој чекор, Бугарија ќе ја заврши својата евроинтеграција и ќе стане дел од, како што велат европските лидери, „срцето на Европа“.
Изненадувања не се очекуваат, со оглед дека земјите членки и европските институции веќе едногласно препорачаа Бугарија да го прифати еврото. Извештајот за приклучувањето е прва точка од гласањето во Европскиот парламент, кое ќе започне во 13:00 часот по бугарско време.

