Бугарскиот премиер Росен Желјазков ќе учествува на Конференцијата за обновата на Украина во Рим
Бугарскиот премиер Росен Желјазков ќе земе учество на Четвртата конференција на високо ниво за обновата на Украина, што ќе се одржи на 10 и 11 јули во Рим, јавува БГНЕС.
Форумот, кој е организиран од Италија и Украина, претставува најзначајниот годишен настан посветен на поддршката за украинската страна и ја продолжува низата конференции на високо ниво за обновата и реконструкцијата на земјата. Во изминатите години вакви конференции се одржаа во Лугано (2022), Лондон (2023) и Берлин (2024).
Главната цел на конференцијата е да се потврди континуираната меѓународна поддршка, како и идните инвестиции насочени кон обновата и реформите во Украина. Настанот во италијанската престолнина ќе ги обедини светските политички лидери, претставници на меѓународни организации и финансиски институции, приватниот сектор, локалните и регионалните власти, граѓанското општество и украинската дијаспора.
Во текот на денот, премиерот Желјазков ќе учествува и преку видеоконференциска врска на средба на земјите од таканаречената „Коалиција на подготвените“, иницирана од британскиот премиер Киер Стармер и претседателот на Франција, Емануел Макрон. Целта на оваа дискусија е да се потврдат заложбите за обезбедување трајно решение за војната против Украина.

