Просечната плата во државната администрација на Бугарија изнесува 3.088 лева во третото тримесечје од 2025 година
Просечната бруто-плата во државната администрација во Бугарија на крајот од третото тримесечје во 2025 година изнесувала 3.088 лева, што претставува зголемување од 417 лева во споредба со истиот период минатата година, кога достигнувала 2.671 лева, пренесува БГНЕС.
Според податоците, државната администрација се наоѓа на петтото место според висината на бруто-платата. Повисоки просечни плати се забележуваат во секторите „Создавање и распространување на информации и творечки производи; телекомуникации“ со 5.512 лева, „Финансиски и осигурителни дејности“ со 3.716 лева, „Производство и распределба на електрична и топлинска енергија и гас“ со 3.539 лева и „Професионални дејности и научни истражувања“ со 3.460 лева.
Најнископлатени остануваат вработените во угостителството со 1.586 лева, „Земјоделство, шумарство и рибарство“ со 1.763 лева и во групата „Други дејности“ со 1.774 лева.
Просечната месечна работна плата во јавниот сектор во третиот квартал од 2025 година е зголемена за 14,2%, додека во приватниот сектор растот изнесува 11,3%. Просечните плати по месеци се 2.570 лева во јули, 2.497 лева во август и 2.580 лева во септември. Просекот за тримесечјето е 2.549 лева, што претставува пад од 0,9% во однос на второто тримесечје. Најголемо намалување е забележано во дејностите „Образование“, „Култура, спорт и забава“ и „Здравство и социјална работа“.
Во споредба со третото тримесечје од 2024 година, просечната месечна работна плата е повисока за 12%. Најголем раст е регистриран во „Административни и помошни дејности“, „Градежништво“ и „Образование“.
Бројот на вработени лица по трудов однос на крајот од септември 2025 година се намалил за 28.900 лица или 1,2% во однос на јуни, достигнувајќи 2,36 милиони. Најголемо намалување е забележано во угостителството, „Земјоделство, шумарство и рибарство“ и „Операции со недвижности“.
Сепак, во споредба со крајот на септември 2024 година, бројот на вработени се зголемил за 30.100 лица или 1,3%. Најзначителен раст има во секторите „Здравство и социјална работа“, „Градежништво“ и „Трговија“. Во исто време, најголемо намалување е забележано во „Преработувачка индустрија“ и „Земјоделство, шумарство и рибарство“.
Во процентуална смисла, највисок раст на бројот на вработени е забележан во „Култура, спорт и забава“, „Градежништво“ и „Здравство и социјална работа“, додека најголем пад има во „Земјоделство, шумарство и рибарство“ и „Рударство“.
