| |

ОН првпат официјално ќе го одбележи Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница

Првото официјално одбележување на Меѓународниот ден на размислување и сеќавање на геноцидот во Сребреница од 1995 година ќе се одржи денес во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, јавува Актуално. Настанот ќе го посетаат членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Бечировиќ, министерот за надворешни работи, Елмедин Конаковиќ, како и претставници на здруженијата на жртвите и преживеаните.

Ова е првпат ОН да го одбележи денот за сеќавање на жртвите, кој беше официјално утврден со резолуција усвоена минатата година, пред 30-годишнината од трагичните настани. Резолуцијата беше поднесена од Германија и Руанда, заедно со 32 држави, меѓу кои САД, Франција, Велика Британија и Италија. Во Генералното собрание на ОН од 193 земји, таа беше изгласана со 84 гласа „за“, 19 „против“ и 68 воздржани.

„Раководството на Србија одбива да се соочи со вистината“, изјави Бечировиќ по повод одбележувањето. Резолуцијата, која нема обврзувачка сила, безрезервно го осудува негирањето на геноцидот во Сребреница и величењето на осудените за воени злосторства и геноцид.

Одбележувањето на годишнината започна уште во понеделник, кога Европскиот парламент организираше официјално чествување со пораки за борба против омразата, зачувување на мирот и превенција на идни злосторства.

Во знак на сеќавање на убиените, околу 7000 луѓе учествуваат во тридневниот „Марш на мирот“ низ шумите на источна Босна. Овој традиционален 100-километарски марш го следи во обратен правец патот по кој илјадници бошњаци, главно мажи и момчиња, се обиделе да избегаат од Сребреница, откако градот паднал под контрола на босанско-српските сили во јули 1995 година.

Учесниците тргнаа од селото Незук, близу Тузла, со план на 10 јули да пристигнат во Поточари, каде следниот ден ќе се одржи колективно погребување на останките на седум новоидентификувани жртви во Меморијалниот центар „Сребреница“.

Досега таму се пронајдени и погребани останките на над 6700 лица. Секоја година, на 11 јули – денот кога започна масакрот – се врши повторно погребување на новоидентификуваните жртви.

Во јули 1995 година, силите на босанските срби, под команда на Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, убиле повеќе од 8300 бошњаци. Телата беа погребувани во масовни гробници, кои подоцна се преместувани за да се сокријат доказите.

Военото злосторство во Сребреница е признато како геноцид од меѓународните и националните судови. Караџиќ и Младиќ се осудени на доживотен затвор од Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија во Хаг, а најмалку 47 лица се осудени на вкупно над 700 години затвор.

Организаторите на „Маршот на мирот“, кој се одржува од 2005 година, велат дека настанот има цел да ја зачува културата на сеќавање и да потсетува на страдањата на жртвите од единствениот признаен геноцид во Европа по Втората светска војна.



Слични Објави