Киселова: Бугарија секогаш ја подава раката на Северна Македонија, но европскиот пат е нивна одговорност
Претседателката на Народното собрание на Бугарија, Наталија Киселова, во интервју за „Говори сега“ на БНТ истакна дека Бугарија останува најсилен поддржувач на европската интеграција на Северна Македонија и Албанија, но одговорноста за напредокот е во рацете на самите држави.
„Се надевам дека кога ќе заврши предизборната кампања, бидејќи им претстојат локални избори, нашите соседи ќе се свртат назад и ќе видат дека токму ние сме тие што најсилно сме ги поддржувале,“ рече Киселова. Таа потсети дека Бугарија не поставила услови ниту при признавањето на државата, ниту околу нејзиното име, како и дека при пожарот во Кочани прва испратила медицински тимови.
„Тие човечки и државнички постапки покажуваат каков е нашиот однос кон соседите. Меѓутоа, има еден многу важен аспект кој останува на страна – откако е склучен договор меѓу Северна Македонија и ЕУ и Европската комисија, тоа веќе не е проблем на Бугарија. Тоа е пат што нашите соседи треба сами да го изодат,“ нагласи Киселова.
Според неа, емоционалните реакции на дел од македонската политичка елита, кои ја обвинуваат Бугарија дека ја блокира евроинтеграцијата, се некоректни.
„Нашето разбирање е дека и Албанија, и Северна Македонија треба да бидат дел од ЕУ. Албанија, каде што има бугарско национално малцинство, вложува многу сериозни напори и откако видоа одредено упорство кај нашите соседи, тие решија да продолжат сами, бидејќи одат многу побрзо по европската патека,“ додаде Киселова.

